МОЖНО Е ИЗЛЕЗНО РЕШЕНИЕ СО БУГАРИЈА – Одлуката не ја носиме ние
Доколку правата на бугарското малцинство биле загрозени, таа би поддржала мерки, но уставните гаранции се одлични.

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова оценува дека е можно да се промени ставот на ЕУ кон земјава и да се најде излезно решение за проблемот со Бугарија, но нагласува дека одлуката не зависи од нас.
„Од наша перспектива, промена на заклучоците е можна, но одлуката не ја носиме ние. Точно е дека разговаравме за излезни решенија. Можеби некои тоа не го забележуваат, но јас мислам дека се менува реториката на највисоките претставници на ЕУ, бидејќи ова не е само еден преседан, туку прашање што може да се повторува доколку на почетокот не се најде решение. Затоа јас предлагав некои излезни решенија“ – изјави Сиљановска Давкова, одговарајќи на новинарско прашање за можноста за промена на заклучоците на ЕУ и за позицијата на Софија за репреговарање.
Во врска со барањата на Бугарија за промена на Уставот како услов за деблокада на евроинтеграцијата, претседателката нагласи дека доколку правата на бугарското малцинство биле навистина загрозени, таа би ја поддржала мерката за нивно подобрување. Сепак, како што истакна, од уставно-правна гледна точка, Македонија има едни од најдобрите гаранции за правата на малцинствата.
„Често се споменува францускиот предлог. Не е правилно да се нарекува „француски“, бидејќи Франција не ја потпишала ниту ратификувала Рамковната конвенција за заштита на правата на малцинствата. Не обвинувам ниту Франција, ниту ЕУ, бидејќи во изготвувањето на заклучоците учествувале и нашите претставници и историската комисија“ – додаде таа.
Сепак, Сиљановска Давкова смета дека излезни решенија се можни:
„Тешко е да се замени трет протокол со вториот протокол, но за почеток на преговорите се донесува и изјава за отворање на меѓувладината конференција. Можна е интерпретација, но мора да се отстранат историјата, културата и јазикот од критериумите. Малцинските права се дел од Копенхашките критериуми, но ние веќе имаме високи стандарди вградени во Уставот, член 48 амандман 8, Рамковниот договор“ рече претседателката.
Таа, сепак, додаде дека тоа не важи и за источниот сосед:
„Обично се бара од другиот она што самите го гарантирате. Ако не гарантирате имплементација на пресудите на Европскиот суд за човекови права, а се повикувате на заштита на човековите права, тогаш имате проблем – заклучи Сиљановска Давкова по отворањето на Меѓународниот форум „Глокализација 2.0: Одржлива родово-одговорна иднина“, организиран од Регионалната мрежа за родово одговорно буџетирање.


