МОЖНА СРЕДБА СКОПЈЕ-СОФИЈА НА САМИТОТ ВО ХАГ Македонија подготвена за дијалог, чека одговор од Бугарија
Според Калас, се уште постои надеж дека уставните измени како дел од т.н. „план А“ ќе бидат прифатени, што би овозможило деблокада на процесот. „Ако не, тогаш ќе преминеме во наредни фази“, додаде таа.

Во обид да се изнајде решение за деблокирање на европскиот пат на Македонија, високата претставничка на Европската унија, Каја Калас, порача дека постои простор за напредок и најави дека механизми за тоа ќе се бараат на претстојниот Самит на НАТО во Хаг. Таму, според најавите, се очекува да се одржи средба меѓу македонските и бугарските власти, на која ќе присуствуваат и лидерите на ЕУ – Урсула фон дер Лајен и Антонио Кошта.
Премиерот Христијан Мицкоски изрази подготвеност за средбата, нагласувајќи дека идејата била првпат спомената на разговор меѓу претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и Антонио Кошта. Од македонска страна, на Самитот ќе присуствува токму Сиљановска-Давкова, а се очекува потврда од официјална Софија за учеството на бугарските власти.
„Кога ќе бидеме сите на иста маса, колку и да трае тоа, тогаш е добро да се разговара. Ние веднаш тоа го прифативме“, изјави премиерот Мицкоски, додавајќи дека и денеска повторно разговарале за темата со Каја Калас и ја потврдиле определбата за пронаоѓање решение.
Калас подвлече дека недостигот на интеграција на Западен Балкан во Унијата може да прерасне во безбедносно прашање. Мицкоски делумно се согласи со ваквата проценка, посочувајќи дека „има сили во регионот коишто сакаат да рефлектираат нестабилност“, но и дека билатералниот дијалог со Бугарија може да доведе до поголема јасност.
„Можеби ќе слушнеме аргументи коишто не сме ги знаеле досега. На пример, каде исчезнаа двесте илјади Македонци во западна Бугарија?“, праша премиерот.
Според Калас, се уште постои надеж дека уставните измени како дел од т.н. „план А“ ќе бидат прифатени, што би овозможило деблокада на процесот. „Ако не, тогаш ќе преминеме во наредни фази“, додаде таа.
Високата претставничка од Скопје испрати јасна порака дека Македонија припаѓа во Европската унија, пофалувајќи ја усогласеноста со заедничката надворешна политика и посветеноста на реформите.
Поранешниот амбасадор Ристо Никовски е убеден дека Софија ќе мора да прифати средба, бидејќи инаку ќе покаже некооперативност. Во изјава за весникот Вечер, тој вели дека земјава мора да разговара со источниот сосед и да бара решение, а откако нема да го добие, да продолжи со свои радикални чекори. Никовски не е сигурен дека разговорите со нив треба да ги води претседателката на државата.
„Македонија е оставена во чекалната на ЕУ предолго време и под блокада. Тоа е резултат, меѓу другото, на обврските кои ги прифативме и кои не ги исполнивме. Јасно е дека зад сето тоа стои Софија. Нема друг избор, освен да се разговара со нив, и сите иницијативи во таа насока се позитивни. Не сум сигурен дека разговорите со нив треба да ги води претседателката на државата. Бугарите средба ќе прифатат секако, бидејќи инаку ќе покажат некооперативност. Меѓутоа, мораме да бидеме свесни дека Софија нема да ги промени своите ставови ниту за милиметар. Тие, тоа веќе илјада пати ни го кажаа, имаат силен аргумент дека нивните максимални и бесмислени во основата барања ги поддржа Брисел и, што е уште пострашно, ги вгради во преговарачката рамка. Затоа, мора да ни биде јасно, дека излез од ќор-сокакот и темниот тунел може и мора да бидат само наши радикални исчекори. Се друго е губење на време. Во основата, тоа значи откажување на вториот протокол кој што е моментално корен на сите наши проблеми. Со него паѓа во вода и Преговарачката рамка и ултиматумот да го менуваме уставот. Но, пред да преземе радикални чекори Македонија мора да разговара со Софија и да бара решение, и откако нема да го добие да продолжи со свои радикални чекори“ – вели амбасадорот Никовски.


