МОСКВА СО ПРВА ОФИЦИЈАЛНА РЕАКЦИЈА – Нападот врз Иран е акт на агресија
Особено е загрижувачки, се наведува понатаму, што нападите се изведени од страна на земја која е постојана членка на Советот за безбедност на ООН.

Русија најостро ги осудува воздушните напади на САД врз иранските нуклеарни постројки, соопшти Министерството за надворешни работи на Руската Федерација.
„Одлуката да се нападне територијата на суверена држава со ракетни удари, без разлика на оправдувањата, претставува флагрантно кршење на меѓународното право, Повелбата на Обединетите нации и резолуциите на Советот за безбедност, кои ваквите дејствија веќе ги имаат квалификувано како неприфатливи,“ се вели во соопштението.
Особено е загрижувачки, се наведува понатаму, што нападите се изведени од страна на земја која е постојана членка на Советот за безбедност на ООН.
Москва бара итна реакција од Советот за безбедност за нападот врз територијата на Иран.
„Последиците од оваа акција – вклучувајќи ги и можните радиолошки ефекти – сè уште се проценуваат. Сепак, веќе е очигледно дека станува збор за сериозна ескалација која може дополнително да ја загрози регионалната и глобалната безбедност,“ додава руското МНР.
Русија предупредува дека со овој напад се нарушува режимот за неширење на нуклеарното оружје и повикува на итна реакција од страна на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ).


