МОСКВА ГО ПРИФАТИ ТРАМПОВИОТ ПРЕДЛОГ – Топката е кај Киев
Путин потврди дека Русија се согласила со мировниот предлог на Трамп и очекува чекор од Украина

Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека Москва се согласила со мировниот предлог на американскиот претседател Доналд Трамп, постигнат за време на нивната средба во Анкориџ, додавајќи дека следниот потег сега е на Украина и нејзините западни сојузници.
Во одговор на прашање на новинар од американската телевизија NBC дали би сносел одговорност доколку Русија го одбие мировниот план на Вашингтон, Путин оцени дека таквото тврдење е „неточно и неосновано“, пренесува Спутник.
„Кога пристигнав во Анкориџ на средбата со претседателот Трамп, нагласив дека пред нас стојат сложени решенија“ – изјави Путин на годишната прес-конференција со новинари и граѓани.
Рускиот претседател повтори дека, според Москва, Русија не го започнала конфликтот во Украина, туку дека Западот и Киев ја „измамиле Русија“ преку договорите од Минск.
Тој истакна дека американскиот претседател вложува значителни напори за надминување на украинската криза.
„За време на состанокот во Алјаска практично се согласивме со предлогот на американскиот лидер. Русија е подготвена за преговори и прекин на конфликтот во Украина. Топката сега е во дворот на Киев и неговите европски спонзори“ – порача Путин.


