МОН ГИ ОБЈАВИ КОНКУРСИТЕ Стипендии до 18.000 денари за студенти на втор и трет циклус

Министерството за образование и наука ги отвори конкурсите за доделување стипендии за студентите на втор и трет циклус студии во државата. Целосната документација, условите и критериумите за аплицирање се достапни на официјалната веб-страница на МОН.
Стипендиите се наменети за студенти кои веќе се запишани на магистерски или докторски студии во Македонија. Поддршката опфаќа повеќе научни области, меѓу кои природно-математичките науки – биологија, физика, геофизика, геологија и минералогија, хемија, биохемија, математика и информатика – како и широк спектар инженерски и технолошки дисциплини, од електротехника и машинство, до градежништво, телекомуникации, рударство, металургија, прехранбена и текстилна технологија, како и инженерство за животна и работна средина. Стипендии се нудат и за студии од областа на хуманистичките и општествените науки.
Според објавата, студентите на втор циклус ќе добиваат по 9.000 денари месечно во период од девет месеци, додека за трет циклус е предвидена стипендија од 18.000 денари за целата година.
Пријавувањето се врши исклучиво електронски преку платформата e-uslugi.mon.gov.mk. Заинтересираните кандидати треба да ја пополнат онлајн-пријавата и да ја прикачат потребната документација најдоцна до 20 февруари 2026 година.


