МНТ ЈА ЗАОКРУЖУВА РОДЕНДЕНСКАТА ПРОГРАМА – Претставата „Од другата страна“на Црногорското народно позориште
Претставата ги прикажува изопачените вредности на општеството, додека граѓаните стануваат актери во сопствениот живот.

Со изведбата на претставата „Од другата страна“, во продукција на Црногорско народно позориште од Подгорица, на 4 април ќе биде заокружена роденденската програма на Македонскиот народен театар (МНТ).
Претставата е во режија на Борис Лијешевиќ, а драматургијата ја потпишуваат Стела Мишковиќ и Стефан Бошковиќ. Во актерската екипа настапуваат: Александар Радуловиќ, Лазар Ѓурѓевиќ, Кристина Обрадовиќ, Зоран Вујовиќ, Нада Вукчевиќ, Тихана Ќулафиќ, Жана Гардашевиќ Булатовиќ, Бранка Оташевиќ, Мирјана Спаиќ, Јован Дабовиќ, Јелена Ненезиќ, Јована Брновиќ, Јелена Миниќ, Горана Драгаѓевиќ, Радмила Божовиќ, Јулија Милачиќ Петровиќ Његош, Анѓела Маруновиќ, Ана Вујошевиќ, Јадранка Мамиќ и Данило Челебиќ.
„Од другата страна“ поставува серија вознемирувачки прашања: Што ни се случува? Како дојдовме до ова? Каде залутавме? И како се излегува од ова? Претставата нуди сценска слика на општество во кое насилството, организираниот криминал и изопачените вредности стануваат секојдневие.
Војните меѓу кланови одземаат десетици млади животи, коцкарници никнуваат во поранешни библиотеки и културни домови, а обложувалници се отвораат веднаш до гимназии. Дрогата станува дел од секојдневието, а човечкиот живот вреди онолку колку што може да се наплати. Мафии, босови, дилери и лихвари се наметнуваат како авторитети и идоли, додека милионот станува единствена мерка за успех. Стравот од залутан куршум или експлозија е постојано присутен, а спасот сè почесто се бара во заминувањето во странство.
„Од другата страна’ е приказна за време во кое Бог е синоним за пари, а молитвата – стекнувањето. За време што не избира средства и за човек кој престанал да го гледа човекот“, вели режисерот Борис Лијешевиќ.
Претставата не бега од директното соочување со фактот дека организираниот криминал длабоко навлегол во сите пори на општеството, разорувајќи ги семејствата и претворајќи ги граѓаните, свесно или несвесно, во дел од тој механизам.
„Жртви на системот сме сите ние. Не нудиме одговори ниту спас, туку прикажуваме една застрашувачка слика на современото време. Додека не собереме сила да ја испиеме ‘црвената пилула’, остануваме заробени во овој матрикс“, посочува драматургот Стела Мишковиќ.
Според драматургот Стефан Бошковиќ, извртените вредности преку „пукнатините на системот“ стануваат доминантен водич на реалноста, која се претвора во театар, а граѓаните во актери и статисти на сопствениот живот.
Во чест на првата претстава изведена во Македонскиот народен театар на 3 април 1945 година, минатата година МНТ одбележа 80 години од своето постоење, а годинава продолжи со чествувањето на 81-годишнината. Роденденската програма годинава ја надградува минатогодишната традиција, комбинирајќи домашни сценски остварувања со рецентни меѓународни гостувања и настапи на реномирани уметници, како потврда за континуитетот и современата визија на театарот.


