МНР ДО СОФИЈА – Наместо критики, потребен е европски дијалог
Министерството за надворешни работи изрази жалење за, како што наведува, неконструктивниот пристап на бугарското МНР и повика на европски дијалог

Министерството за надворешни работи и надворешна трговија вечерва реагираше на соопштението на бугарското МНР, изразувајќи жалење што оваа институција, како што се наведува, сѐ почесто се поставува во улога на рецензент на изјавите на македонски политички претставници, наместо да биде партнер во суштински, европски ориентиран дијалог.
„Во врска со денешното соопштение објавено на веб-страницата на Министерството за надворешни работи на Република Бугарија, изразуваме жалење што оваа институција сѐ почесто се позиционира како рецензент на изјави на македонски политички претставници, наместо како партнер во суштински и европски ориентиран дијалог. Воедно, јасно нагласуваме дека ниту имаме намера ниту потреба да бидеме дел од внатрешнополитичките или изборните процеси во Република Бугарија, ниту преку коментари, интерпретации или вклучување во дневнополитички наративи“, соопшти МНР.
Од Министерството ги повикуваат бугарските институции да се придржуваат до принципите на добрососедство, заемна почит, предвидливост и институционална комуникација, кои, како што истакнуваат, се темелни европски вредности и стандарди.
„Европа се гради со доверба и резултати, а не со етикетирања и политички квалификации“, се додава во реакцијата.
Претходно денеска, бугарското Министерство за надворешни работи преку соопштение изрази длабоко разочарување од, како што наведе, „континуираниот неконструктивен пристап на официјално Скопје и недостигот на отвореност во комуникацијата со јавноста“.
Од Софија оценуваат дека изјавата на министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, во која говори за иницијатива на поголеми и повлијателни земји членки на Европската Унија за организирање состанок меѓу него и неговиот бугарски колега, е манипулативна.

