МЛАДИТЕ СЕ РАЗОЧАРАНИ – Речиси половина не веруваат дека Македонија ќе влезе во ЕУ
Публикацијата беше промовирана во Брисел, а кон крајот на месецот ќе биде претставена и во Скопје.

Иако повеќето млади во земјава имаат позитивен став кон Европската Унија, речиси половина не веруваат дека Северна Македонија некогаш ќе стане нејзина членка, покажува новата публикација „Справување со младинскиот евроскептицизам на Западниот Балкан: Случајот на Северна Македонија“.
Според анкетата спроведена со 1.000 млади лица, 41% имаат позитивен став кон ЕУ, 24% негативен, а 35% неутрален. Дури 46,5% не веруваат дека земјата ќе се приклучи на Унијата, а само 6,7% мислат дека тоа може да се случи во следните пет години.
Најголема пречка за европската интеграција младите ја гледаат во корупцијата (84,6%), потоа билатералните спорови (61%) и ниската доверба во институциите (60%).
Иако 53% од испитаниците се чувствуваат адекватно информирани за ЕУ, над 70% се сметаат за општествено неактивни, што, според истражувањето, укажува на потреба од посилно ангажирање и директна комуникација со младите.
„Ако младите не добијат вистински можности и стабилност, тие ќе престанат да ја гледаат иднината на својата земја во ЕУ“, предупредува Бојан Кордалов од Европскиот центар за извонредност.
Публикацијата беше промовирана во Брисел, а кон крајот на месецот ќе биде претставена и во Скопје.


