МИНИСТЕРСТВО ЗА (КУЛТУРА) И ТУРИЗАМ – ПЛАТА НЕМА – Синдикатот удри со иронија

МИНИСТЕРСТВО ЗА (КУЛТУРА) И ТУРИЗАМ – ПЛАТА НЕМА – Синдикатот удри со иронија
Фото: Принтскрин

Синдикатот на културата на Република Македонија жестоко реагира на, како што велат, систематско прекршување на правото на плата на вработените во културниот сектор. Во најновото соопштение, тие ја обвинуваат Владата, односно Министерството за култура и туризам, дека одбива да ги почитува одлуките на управните одбори на двете институции – НУ Стоби и ЈУ Универзална сала – со што вработените останале без мајска плата.

Според Синдикатот, Министерството дава усмени, телефонски насоки за пресметка на платите, кои се спротивни на Колективните договори и на важечката законска регулатива. Кога институциите бараат писмени упатства, наместо одговор, добиваат предупредувања дека „нема да земат плата со месеци“.

„Безобразието оди дотаму што, покрај кршењето на правото на плата, се загрозува и здравственото осигурување по 30 јуни“, предупредуваат од Синдикатот.

Тие се повикуваат на Законот за извршување на буџетот, нагласувајќи дека одговорноста за законитоста на исплатата ја носат Министерството за култура и директорите на институциите. Министерството за финансии, велат, лажно се користи како изговор за доцнењата.

„Јасно е – за кратењето на правото на плата одговорност сносат министерот за култура и туризам и директорите што постапуваат според неговите наредби“, стои во соопштението.

Синдикатот бара итна исплата на платите согласно одлуките на управните одбори. Доколку Министерството повторно се повика на Министерството за финансии, бараат јавно објавување на конкретните законски одредби кои би го оправдале тоа.

Во знак на протест, Синдикатот ја „прекрсти“ институцијата во:

„Министерство за (култура) и туризам – Плата нема“, алудирајќи на, како што велат, хроничната пасивност и институционална негрижа кон културните работници.

CATEGORIES
Share This