МИНИСТЕРСКА МАТЕМАТИКА ПРОТИВ СУДСКИТЕ ОДЛУКИ – Синдикатот реагира
Синдикатот обвинува дека новото упатство на министерот Љутков ги игнорира колективните договори и судските пресуди за зголемување на платите

Синдикатот на културните работници на Македонија (СКРМ) упати остри критики до министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, обвинувајќи го дека преку новото „Упатство“ свесно ги игнорира колективните договори и одбива да спроведе правосилни судски одлуки за зголемување на платите.
Според синдикатот, министерот со ова упатство повторно ја применува формулата „разлика меѓу август и септември 2023“, која судовите веќе ја прогласија за незаконита и спротивна на Општиот колективен договор.
СКРМ истакнува дека постојат 15 судски одлуки кои јасно потврдуваат дека платите во културата мора да се зголемат за 10% од основната бруто плата, во согласност со член 14 од Општиот колективен договор.
„Министерот самоволно ја воведува истата незаконита формула. Ова не е упатство, туку обид за поништување на правниот поредок во културата. Г-дин министер си дозволува да измислува права, наместо да ги спроведува“, реагираат од СКРМ.
Синдикатот додава дека документот нема соодветни стандарди ниту потпис од стручно лице кое го составило, туку го носи само потписот на министерот, што според нив е доказ дека никој кој ги познава законите не сака да застане зад овој противзаконски акт.
СКРМ јавно го прашува дали премиерот Христијан Мицкоски е информиран за донесувањето на упатството без претходно да биде свикана Комисијата за толкување на Општиот колективен договор, како што предвидува владината информација од 9 декември 2025 година.
Синдикатот предупредува дека нема да дозволи платите да се пресметуваат по „министерска математика“ и најавува управни спорови за поништување на упатството, постапки за кривична одговорност поради одбивање на извршување на судски пресуди и пречекорување на овластувањата и објавување на сите 15 судски одлуки како доказ за правната основа на нивните барања.
„Ниту еден министер нема уставна или законска надлежност да ја преиспитува или релативизира судската одлука по сопствено убедување. Со вакво однесување директно се нарушува кредибилитетот на Владата“, заклучуваат од СКРМ.


