МИНИСТЕРОТ ЗА СПОРТ Немавме капацитет за младинската Олимпијада, баравме таа да се откаже

Сепак, според него, организацијата не била катастрофална, како што тврдат поединци и дел од опозицијата.

МИНИСТЕРОТ ЗА СПОРТ Немавме капацитет за младинската Олимпијада, баравме таа да се откаже
Фото: Социјални мрежи

Министерот за спорт, Борко Ристовски, во интервју за медиуми изјави дека Владата неколку месеци пред одржувањето на младинската Олимпијада во Скопје побарала настанот да биде откажан или редуциран, но биле одбиени од Европскиот олимписки комитет.

„Во март или април имав директен разговор со претседателот на Европскиот олимписки комитет. Како министерство предложивме Олимпијадата да се откаже или да се ограничи на 1.000 учесници, бидејќи само така можевме да дадеме гаранции за успешна организација. Но, добивме одговор дека е предоцна за откажување“, изјави Ристовски.

Тој нагласи дека уште тогаш било јасно дека државата нема капацитет за ваков масовен настан. Сепак, според него, организацијата не била катастрофална, како што тврдат поединци и дел од опозицијата.

„Организацијата имаше слабости, но тоа е очекувано кога ќе угостите над 4.000 млади луѓе. Ниту една држава не може да спроведе ваков настан без недостатоци, и тоа е сосема нормално“, рече министерот, потенцирајќи дека Министерството за спорт имало логистичка, а не организаторска улога.

Во тој контекст, Ристовски објасни дека Министерството помогнало со конкретна поддршка – обезбедување на 150 нови кревети за студентските домови, донација од 2.000 перници преку општествено одговорна компанија, како и делумен автобуски превоз и бесплатно користење на спортските сали.

„Со одлука на Владата, сите спортски сали беа ставени на располагање без надомест“, додаде министерот.

CATEGORIES
Share This