МИНИСТЕРОТ ОТКРИВА – Премногу театарски фестивали во Македонија
Љутков вели дека е време да се редефинира кои фестивали се локални, а кои национални.

Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, оцени дека во Македонија има премногу театарски фестивали и дека е потребно јасно да се одреди кои се локални, а кои национални. Тој истакна дека моментално постојат околу 23-24 фестивали, дел домашни, дел интернационални, и дека е неопходно редефинирање за тоа кои фестивали ќе добиваат целосна државна поддршка, а кои ќе се субвенционираат делумно.
На Конкурсот за финансирање манифестации и фестивали од национален интерес за 2026 година, 16 театарски фестивали низ земјава добија поддршка. Најголема финансиска поддршка од 4 милиони денари (околу 65.000 евра) доби 60. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, додека најмала поддршка од 250.000 денари (околу 4.000 евра) доби 23. Ромски театарски фестивал „GARAVDE MUJA“.
Љутков додаде дека во тек е изработката на националната стратегија за култура, која ќе опфати како театарските фестивали, така и националните културни установи.
