МИНИСТЕРКИТЕ БОЖИНОВСКА И ХАНДАНОВИЌ ЃУРОВИЌ Интерконекторот Македонија – Србија клучен за регионалната енергетска стабилност
Изградбата се очекува да заврши до 2027 година, со прв проток на гас во 2028

Македонската делегација, предводена од министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, престојуваше во Белград по покана на српската министерка за рударство и енергетика, Дубравка Хандановиќ Ѓуровиќ. Во делегацијата беа и претставници од Номагас, МЕМО и МЕПСО, како и тимот од Секторот за нафта и гас при Министерството за енергетика.
На средбата, главниот фокус беше забрзаната реализација на гасниот интерконектор меѓу Северна Македонија и Србија – проект со стратешко значење за регионалната поврзаност и долгорочната енергетска безбедност.
Проектот опфаќа гасовод долг околу 67 километри (23 km на македонска територија и 44 km во Србија), кој ќе ги поврзе гасните системи на двете земји кај Клечовце во Северна Македонија и со националната гасоводна мрежа во близина на Врање во Србија.
Финансирањето на интерконекторот привлекува интерес од Светската банка и други комерцијални банки, бидејќи проектот е дел од пошироката визија за интегриран, диверзифициран и сигурен регионален пазар на гас.
Министерката Божиновска потенцираше:
„Интерконекторот со Србија е клучен за отворање на нови извори на гас и за зајакнување на регионалната енергетска стабилност. Ова е една од најважните инфраструктурни врски не само за Северна Македонија и Србија, туку и за цела Европа. Целта е интерконекторот да стане реалност во најскоро време, бидејќи секој ден е важен за сигурноста на граѓаните и економијата.“
Српската министерка Хандановиќ Ѓуровиќ истакна:
„Гасниот интерконектор е проект што има значење подалеку од нашите граници. Со тесна и конструктивна соработка со македонскиот тим, ќе создадеме нова енергетска оска на стабилност меѓу двете земји.“
Очекувани чекори и динамика на проектот се дека изградбата на интерконекторот се очекува да заврши во 2027 година а првиот проток на гас е предвиден за 2028 година. Интерконекторот ќе биде технички подготвен и за идниот транспорт на водород, во согласност со европските енергетски цели и зелените политики.
На крајот од средбата, двете делегации потврдија целосна посветеност за институционална и техничка координација со јасна цел – гасниот интерконектор Македонија – Србија да стане модерна, безбедна и функционална енергетска врска која ќе ја зголеми сигурноста, диверзификацијата и регионалната интеграција, во интерес на граѓаните и економијата.


