МИНИСТЕРКАТА БОЖИНОВСКА – Жените клучни за успехот на енергетската транзиција

Министерката нагласи дека одржливата енергетска трансформација бара женско учество во носење одлуки и управување со проекти

МИНИСТЕРКАТА БОЖИНОВСКА – Жените клучни за успехот на енергетската транзиција
Фото: Национал

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, учествуваше на kick-off настанот на проектот PULSE и Мрежата на жени на ЕВН Македонија, каде ја поддржа иницијативата за родова еднаквост и инклузивност во енергетскиот сектор. Таа нагласи дека енергетската транзиција е и социјален и економски процес, во кој вклученоста на жените е клучна за успех.

„Енергетиката е ’рбетот на државата, а жените се неискористен интелектуален мотор. Ако исклучиме половина од потенцијалот, веќе сме во енергетски дефицит“, рече Божиновска.

Таа додаде дека нов систем не може да се изгради со стар менталитет и дека одржливата транзиција бара женско присуство таму каде се носат одлуките и се водат проектите.

Министерката посочи дека енергетскиот сектор глобално се трансформира и преку декарбонизација, дигитализација, интеграција на обновливи извори и паметни мрежи и процеси кои бараат аналитичност, иновативност и флексибилност, квалитети кои жените можат и треба да ги донесат. Таа го истакна и напредокот на земјата: во 2024 година капацитетот на соларната енергија за првпат го надмина хидроенергетскиот, што е голем успех за зелената агенда и предизвик за дистрибутивната мрежа.

„Модерната енергетика бара лидерство што знае да води промени и култура што знае да го задржи талентот. Различноста не е прашање на правичност, туку предуслов за практични и одржливи решенија“, истакна Божиновска.

Таа додаде дека бариерите за жените во секторот произлегуваат од застарени корпоративни модели и нефлексибилни системи, а не од недостиг на самодоверба.

CATEGORIES
Share This