МИНИСТЕРКАТА БОЖИНОВСКА Време е секоја општина да реализира енергетски проекти со реални заштеди
Министерството најавува продолжување на обуките во сите плански региони за поддршка на локалните самоуправи

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ја започна националната серија работилници за помош на општините во подготовката и реализацијата на проекти за енергетска ефикасност. Настаните ќе се одржуваат во повеќе градови низ државата со цел зајакнување на локалните капацитети и унапредување на европските стандарди во енергетското планирање.
Во рамки на оваа иницијатива, денеска во Скопје се одржа работилница за градење капацитети на општинската администрација во подготовката на програми за енергетска ефикасност. Настанот е дел од проектот „Поддршка на енергетските реформи во Република Северна Македонија“, финансиран од Делегацијата на Европската Унија. Целта на проектот е унапредување на енергетската политика, правната рамка и поддршка на институциите за ефикасна примена и мониторинг на мерките за енергетска ефикасност.
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, го отвори настанот и истакна дека општините мора активно да реализираат мерки кои носат реални заштеди и модернизација на јавната инфраструктура.
„Локалните самоуправи мора да станат мотор на енергетската трансформација. Наша задача е да им обезбедиме алатки, насоки и поддршка за побрзо и поефикасно реализирање на проекти. Време е секоја општина да ги искористи можностите што ги нудат европските правила и современите модели на финансирање“, порача министерката Божиновска.
На настанот присуствуваа претставници од општините во Скопскиот регион и од Град Скопје. Учесниците преку презентации, дискусии и практични вежби добија насоки за подготовка на програми за енергетска ефикасност, изработка на годишен план за спроведување, механизми за финансирање и пристап до податоци за енергетско планирање.
Особено внимание беше посветено на практичните сесии за работа со бази на податоци, идентификување мерки за енергетска ефикасност и користење стандардизирани обрасци и табели развиени во рамки на проектот.
Од МЕРМС најавуваат дека ваквите обуки ќе продолжат во сите плански региони, со цел секоја општина да добие поддршка за подготовка на квалитетни, реални и финансиски одржливи програми за енергетска ефикасност.


