МИНИСТЕРКАТА БОЖИНОВСКА НА КОНФЕРЕНЦИЈА ЗА РОДОВА ЕДНАКВОСТ – Еднаквоста е стандард, не избор

Македонија ја поттикнува родовата еднаквост во енергетиката како дел од европската интеграција

МИНИСТЕРКАТА БОЖИНОВСКА НА КОНФЕРЕНЦИЈА ЗА РОДОВА ЕДНАКВОСТ – Еднаквоста е стандард, не избор
Фото: Принтскрин

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, се обрати на конференцијата „Родовата еднаквост во фокусот на пристапувањето кон ЕУ: Патоказ за Северна Македонија“, која се одржа во Скопје во организација на Министерството за европски прашања и UN Women. Настанот собра високи претставници на институциите, експерти и партнери со цел интегрирање на родовата еднаквост како клучен дел од европската интеграција.

Во воведното обраќање, Божиновска нагласи дека родовата рамноправност е основна европска вредност и услов за членство во ЕУ, но пред сè инвестиција во стабилноста, економскиот развој и одржливата иднина на земјата.

„Европа јасно порача дека еднаквоста не е избор, туку стандард. Ние го прифаќаме тој стандард затоа што веруваме во држава без привилегирани и непривилегирани граѓани“, истакна министерката.

Таа потсети дека енергетиката, како стратешки сектор и столб на европската интеграција, сè уште има најниско учество на жени, што претставува и општествена неправда и пречка за успешна зелена транзиција.

„Жените се недоволно застапени во техничките професии, енергетските иновации и лидерските позиции. Ако сакаме модерна, конкурентна и европска економија, тоа ограничување мора да се надмине. Рамноправноста не се случува сама, таа се гради. Во енергетиката, каде жените често мораат двојно да се докажуваат, моја обврска е да отворам врата за други жени. Со фер правила и јасни можности, талентот ќе се истакне“, порача Божиновска.

Министерката истакна дека Министерството за енергетика денес има целосен родов баланс – 50% жени и 50% мажи што покажува дека институциите можат да бидат двигател на еднаквоста.

Таа најави дека принципите на еднаков третман, еднаква плата, недискриминација и родово вклучување ќе бидат дел од сите клучни енергетски реформи.

Божиновска ја поздрави соработката со UN Women и изработката на десетте родови GAP анализи, кои ќе послужат како основа за нови мерки, статистички показатели и политики базирани на докази.

„Зелената транзиција нема да успее ако половина од населението остане надвор од процесот. Нашата обврска е да создадеме стабилен, европски и праведен систем во кој секоја жена има пристап до образование, технологии, иновации и лидерски позиции. Европа гради енергетски систем кој нуди еднакви шанси за сите, и ние мора да бидеме дел од таа визија“, подвлече Божиновска.

Конференцијата заврши со повик за засилена координација меѓу институциите, донаторите и граѓанскиот сектор, и со оценка дека Северна Македонија има потенцијал да стане регионален лидер во создавањето инклузивна и родово еднаква зелена транзиција.

CATEGORIES
Share This