МИНИСТЕРКАТА ЈАНЕВСКА Се враќа предметот историја во училиштата
Како важен новитет, Јаневска го истакна воведувањето на легализирани дуални паралелки во средното образование, каде учениците добиваат практична настава во реални работни услови.

Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, на партиска трибина во Велес изјави дека Владата успешно ги исплатила заостанатите долгови за наставнички плати од претходната власт и ги испечатила сите учебници кои недостасуваа со години. Таа најави дека од новата учебна година, учебници ќе има за сите ученици.
„Ја изменивме наставната програма за седмо одделение и од септември повторно го воведуваме предметот Историја, кој беше укинат од претходната влада. Учебникот веќе е во фаза на печатење – истакна Јаневска.
Министерката најави и дека по шестгодишна пауза, учениците повторно ќе добијат учебници по странски јазици – англиски, германски, француски и италијански.
Според неа, се подготвуваат и нови наставни програми за прва година во гимназиите, а во тек е доработка на Законот за високо образование и неколку придружни закони.
Јаневска посочи дека Министерството за образование и наука (МОН) активно поддржува млади иноватори, обезбедува помош за промоција на нивните научни трудови во странство, како и дополнителни награди за ученици кои освоиле први места на европски и светски натпревари во областа на науката.
Отворен е јавен повик за научноистражувачки проекти за универзитетските професори, а во рамки на промоцијата на македонскиот јазик, отворени се шест нови лекторати во странство.
Министерката нагласи дека Владата шест пати ја зголемила платата на наставниците и дека со СОНК е постигнат договор за редовно годишно зголемување на платите.
Во делот на инфраструктурата, Јаневска информира дека се изградени осум нови училишни објекти, а деветтиот е во фаза на реализација. Реновирани се 20 училишни спортски сали, се градат четири нови, а објавен е повик за изградба на уште 30. Училиштата се опремени со смарт табли и современа опрема, а наставниците се обучуваат за користење на нови технологии во наставата.
Како важен новитет, Јаневска го истакна воведувањето на легализирани дуални паралелки во средното образование, каде учениците добиваат практична настава во реални работни услови.
Дополнително, во рамки на стручното образование, отворени се два нови регионални стручни центри – во Штип и Битола според стандардите на Европската унија.


