МИЛИОНСКА МЕДИЦИНСКА ОПРЕМА ЧЕКА КАДАР Скапува по подруми
Во периодот од 2021 до 2023 година, државата инвестирала милиони евра во скапа медицинска технологија, но без да обезбеди соодветна кадровска и техничка поддршка.

Медицинска опрема вредна 18,5 милиони евра собира прашина низ болнички подруми ширум државата. Скенери, акцелератори, ангиографи, томографи и мамографи се набавени, но не се користат – открива последниот извештај на Државниот завод за ревизија (ДЗР). Причината: недостиг на стручен кадар и простор за нивна употреба.
Во периодот од 2021 до 2023 година, државата инвестирала милиони евра во скапа медицинска технологија, но без да обезбеди соодветна кадровска и техничка поддршка. Ревизорите алармираат – од вкупната сума, 13 милиони евра вредна опрема воопшто не е пуштена во употреба, а апарати во вредност од дополнителни 5,5 милиони евра работат со намален капацитет.
Најдрастичен е примерот со линеарните акцелератори – од девет купени уреди за радиотерапија на пациенти со малигни заболувања, пет сè уште не се користат. Два се лоцирани на Клиниката за онкологија, два во болниците во Штип и Битола, а еден во ГОБ „8 Септември“. Три од овие акцелератори се инсталирани уште пред неколку години, но сè уште не се ставени во функција.
„И покрај набавките за неколку јавни здравствени установи, во периодот од 2021 до 2023 година сите зрачни третмани се вршат исклучиво на Клиниката за радиотерапија и онкологија, каде годишно се третираат повеќе од 2.300 пациенти. Тоа создава преоптовареност на персоналот и може да влијае на квалитетот и континуитетот на третманот“, посочуваат од ДЗР.
Слична е состојбата и со другите уреди. Во девет јавни здравствени установи се инсталирани 18 ангиографи, но дел не се користат редовно. Ревизорот нотира и злоупотреби кај термините за снимање со компјутерска томографија – пациентите доаѓаат до термин со „врски“, а уредите често се во дефект. За тие што не можат да чекаат, алтернатива остануваат приватните установи, каде едно снимање чини најмалку 300 евра.
Во болниците во Тетово и Кочани, нови томографи не се користат поради недостиг на обучен кадар и технички проблеми. Во Струмица, пак, во текот на цела 2024 година не бил достапен ниту еден термин за КТ, бидејќи апаратот е во дефект.
„Само 3 од 22 јавни здравствени установи имаат број на термини за КТ снимања блиску до пропишаните норми. Во 10 болници бројот на достапни термини е значително под пропишаните стандарди“, се наведува во ревизијата.
Од Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ) признаваат дека се работи за неплански набавки од минатото, но уверуваат дека состојбата ќе се стабилизира со новите вработувања.
Во тек е засилена кампања за вработување во здравствените установи. Акцентот е ставен на кадар за најдефицитарните специјалности – педијатри, гинеколози, хирурзи, кардиолози, радиолози и интернисти. До крајот на мај, се очекува вработување на 300 млади лекари, а најавени се и конкурси за медицински сестри и техничари.


