МИЛАНОВА ИГРА – Музички омаж посветен на Милан Завков во Македонската филхармонија
Концертот ќе ги оживее најпознатите композиции на Завков во ново оркестарско издание

На 27 март, во Македонската филхармонија, ќе се одржи концертот „Миланова игра“ – музички омаж посветен на еден од најзначајните македонски композитори и културни дејци, Милан Завков, во организација на „Баги комуникации“.
Оваа свечена вечер ќе ги оживее неговите најпознати ора и песни во ново музичко издание, изведени од камерен оркестар специјално составен за настанот. Концертот ќе го претстави богатото музичко наследство на Завков преку современи оркестарски интерпретации кои го спојуваат традиционалниот македонски мелос со нови звучни пристапи.
Програмата ќе опфати избрани вокални и инструментални композиции од неговиот опус, преработени од Дамир Имери и Дарко Илиевски, со што познатите мелодии ќе добијат нова звучна и сценска димензија.
Настанот ќе собере врвни македонски музички имиња, меѓу кои вокалните солисти Наум Петрески, Сузана Спасовска, Зуица Лазова, Горан Кукиќ и Ленче Кукиќ, како и инструменталистите Катарина Броња (флејта) и Дино Имери (пијано), придружувани од камерен оркестар составен од истакнати македонски музичари. Вечерта ќе ја води Ирена Спировска.
„Милан целиот свој живот го посвети на негувањето и афирмацијата на македонската народна музика и фолклор. Тој веруваше дека народната музика е жива материја која треба да се негува, но и да се развива. Еден ваков концерт беше негова голема желба и преку неговата музика повторно да се создаде мост помеѓу македонскиот народен мелос и современиот уметнички израз. Се радуваме што заедно со неговите колеги и публиката ќе можеме да ја оствариме“, велат од семејството Завкови.
Милан Завков беше врвен инструменталист, композитор и аранжер, долгогодишен раководител на оркестарот на ансамблот „Танец“, кој со своето творештво остави силен белег во развојот и афирмацијата на македонската народна музика. Неговите композиции и аранжмани се дел од музичката меморија на повеќе генерации.
Картите за концертот се достапни на:
https://mktickets.mk/event/milanova-igra/


