МИЦКОСКИ ЗА ТАРАВАРИ Ќе се обиде пак да влезе во коалиција со нас

Мицкоски оцени дека одлуката на Таравари да се приближи кон ДУИ е опасна за неговата партија, предупредувајќи дека може да доведе до нејзина маргинализација.

МИЦКОСКИ ЗА ТАРАВАРИ Ќе се обиде пак да влезе во коалиција со нас
Фото: ВМРО-ДПМНЕ

Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во обраќањето на годишната конференција на Унијата на жени на партијата, остро се осврна на одлуката на Арбен Таравари да ја напушти Владата, оценувајќи ја како чекор што нема да донесе корист ниту за Таравари ниту за неговата политичка иднина.

„Таравари го одбра својот пат. Со среќа нека му е. Ќе дојде денот кога повторно ќе се сретнеме – дали преку ВЛЕН или преку некои други комбинации, сигурен сум дека ќе се обиде повторно да најде начин да влезе во коалиција со нас. Едвај го чекам тој ден“, истакна Мицкоски.

Тој додаде дека никој не може да нанесе поголема штета на човек од самиот себе, алудирајќи на политичките потези на Таравари. Според него, заминувањето на Таравари е доказ дека некои политички актери не се водат од визија, идеи и принципи, туку од калкулации и лични интереси.

„Многумина ми велеа – ‘откачи го Таравари, тој сака да седи на две столици’. Тој сакаше да остане во Владата, а истовремено да му удоволи на ДУИ, кои бараа од него да објави дека сам ќе настапи на изборите, за тие да можат полесно да бројат советници“, рече Мицкоски. „Но, бројот на советници не е критериумот според кој се градат коалиции. Кај мене зборот е збор, а принципите немаат цена.“

Мицкоски оцени дека одлуката на Таравари да се приближи кон ДУИ е опасна за неговата партија, предупредувајќи дека може да доведе до нејзина маргинализација.

„ДУИ има свои методи на убедување. Не сум изненаден ако Ахмети успеал да го импресионира Таравари толку што тој е подготвен да ги заборави и принципите и зборот“, рече тој.

Во продолжение на говорот, Мицкоски најави дека Владата ќе продолжи уште пообединета во следната фаза од своето делување и порача дека борбата против корупцијата и политичките интриги ќе продолжи.

„Ова не е етничка, верска или идеолошка битка. Ова е битка помеѓу бандити и сите чесни граѓани на Македонија – Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби, Бошњаци и други“, нагласи Мицкоски.

Во обраќањето тој се осврна и на претстојните локални избори, реформите во државата, договорот за стратешко партнерство со Обединетото Кралство, како и на трагедијата во Кочани, изразувајќи сочувство и поддршка за настраданите семејства.

CATEGORIES
Share This