МИЦКОСКИ ЗА ПЛАТИТЕ – Повисоки плати до 40% за администрацијата, понудата е на маса

ССМ се критикува за политизација и лични напади, наместо за застапување на работничките интереси.

МИЦКОСКИ ЗА ПЛАТИТЕ – Повисоки плати до 40% за администрацијата, понудата е на маса
Фото: Национал

Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека принципиелно ја поддржува секоја демократска иницијатива на работниците кои бараат повисоки плати и нагласи дека по тоа прашање треба да постои натпартиски консензус.

Одговарајќи на пратеничко прашање од Драгана Арсова (ВМРО-ДПМНЕ) во Собранието, Мицкоски истакна дека улогата на Владата е да посредува во бипартитниот дијалог меѓу работниците и работодавачите, оценувајќи дека тоа е зрел и принципиелен пристап што треба да го практикува секоја влада.

Истовремено, премиерот упати остри критики кон раководството на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), обвинувајќи го дека изнесува невистини, конструкции и навреди. Според него, синдикалното раководство покажало дека е политизирано, инструментализирано и водено од гнев и омраза кон актуелната влада, наместо да биде авангарда и вистински претставник на работничките интереси.

Мицкоски потсети дека Владата, како најголем работодавач, уште на почетокот на мандатот склучила колективни договори за периодот 2024-2028 година со синдикатите во образованието, науката и културата, здравството, како и со вработените во Министерството за внатрешни работи, Министерството за одбрана, центрите за социјална работа, агенциите, институциите и регулаторните тела.

„Околу 95 проценти од вкупниот број вработени имаат регулиран однос преку колективен договор. Со нашите вработени водевме дијалог и тој дијалог го заокруживме на одговорен начин“, рече премиерот.

Тој нагласи дека барањата за повисоки плати треба да се насочат кон работодавачите и дека тие се вистинската адреса за протести. Во тој контекст, ги критикуваше и поранешните влади, за кои рече дека седум години ја краделе и опустошувале државата, ги оштетувале работниците и го уценувале бизнисот.

За административните службеници, Мицкоски потсети дека уште минатата година Владата понудила модел за зголемување на платите од март 2026 до март 2028 година за околу 40 проценти, преку заеднички колективен договор, но дека таа понуда била одбиена од ССМ.

„Основицата би била моменталната плата, која би се зголемила за осум проценти во април 2026 година. Потоа, во 2027 година, зголемената плата повторно би се усогласила со минималната плата и дополнително би се зголемила за осум проценти. Истото би се повторило и во 2028 година, што во вкупен износ значи околу 40 проценти раст за три години, појасни премиерот.

Тој додаде дека понудата сè уште е на маса и важи за сите административни службеници, истакнувајќи дека со нејзино прифаќање, 99 проценти од администрацијата би имале целосно регулиран однос со Владата како работодавач.

CATEGORIES
Share This