МИЦКОСКИ ЗА ПЛАН Б НА ЕУ – Штета би било да нема проширување со нов модел на членство
Според пишувањата на медиумите, во Брисел се разгледуваат повеќе сценарија за проширување – од статус кво до постепена интеграција на земјите кандидати.

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека би било штета доколку не се реализира идејата за проширување на Европската унија преку таканаречен „план Б“, кој предвидува земјите кандидати да станат членки, но без право на глас и без можност за вето. Со ова тој ја коментираше средбата на амбасадорите на ЕУ со шефот на кабинетот на претседателката на Европската комисија, Бјорн Зајберт, за која пишуваа дел од медиумите.
Сепак, Мицкоски остана воздржан од подетални коментари, нагласувајќи дека не сака да анализира новинарски текстови и наслови, алудирајќи на написот објавен од Politico.
Сценариото за кое пишуваше Politico е само едно од неколкуте што биле разгледувани. Покрај него, на маса останува и актуелната опција за статус кво, која подразбира задржување на постојните правила и пристапување кон ЕУ врз основа на заслуги. Дополнително, се разгледува и модел на постепена интеграција, односно приклучување на земјите кандидати кон одредени европски политики во согласност со напредокот што го постигнуваат.
Во последната изјава за БГНЕС, известувачот за Македонија во Европскиот парламент, Томас Вајц, уште еднаш ја повтори позицијата на Европската Унија дека евроинтегративниот процес на земјата не може да продолжи без усвојување на уставните измени.


