МИЦКОСКИ ВО ВТОРНИК ОЧЕКУВА ЕВРОПСКА ПОДРШКА – Успешно е амортизиран нов обид за релативизирање на македонскиот јазик

Бугарските европратеници веќе имаат поднесено низа амандмани, при што дел од нив дури бараат извештајот воопшто да не биде презентиран.

МИЦКОСКИ ВО ВТОРНИК ОЧЕКУВА ЕВРОПСКА ПОДРШКА – Успешно е амортизиран нов обид за релативизирање на македонскиот јазик
Фото: Влада

Во пресрет на седницата на Европскиот парламент, која ќе се одржи во вторник, премиерот Христијан Мицкоски изрази очекување дека од Брисел ќе биде испратена јасна и недвосмислена порака во поддршка на македонскиот идентитет и јазик. На седницата треба да се разгледа и усвои Извештајот за напредокот на Македонија кон ЕУ, изготвен од европратеникот Томас Вајц.

Мицкоски посочи дека последните денови добил загрижувачки информации за засилени активности од страна на бугарски европратеници кои вршат притисок за измена на формулациите во Извештајот што се однесуваат на македонскиот идентитет и јазик.

„Очекувам силна порака од Европскиот парламент за македонскиот идентитет и јазик. Имаше обиди од некои политички актери во Брисел да го релативизираат нашиот јазик со додавки како ‘модерен’ или ‘сегашен’, но сметам дека успеавме да го амортизираме тој удар“, изјави премиерот.

Од друга страна, претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска од трибината „Македонија понижена – Една година Влада на ВМРО-ДПМНЕ“, ја обвини актуелната влада дека ја компромитирала европската иднина на државата. Според него, сите обврзувачки документи за македонскиот јазик и идентитет се веќе обезбедени и потврдени уште од времето на претходната влада предводена од СДСМ, преку т.н. француски предлог.

„Тврдењата дека Владата се обидува да ја зајакне нашата преговарачка позиција се само уште една во низата лаги. И јазикот и идентитетот се веќе потврдени во сите релевантни документи изработени од нашата Влада“, изјави Филипче.

Гласањето за Извештајот на Томас Вајц, првично закажано за 4 јуни, беше одложено од Комитетот за надворешни работи на Европарламентот. Новиот термин е закажан за 24 јуни, вторник, кога ќе се одлучува за неговото прифаќање. Бугарските европратеници веќе имаат поднесено низа амандмани, при што дел од нив дури бараат извештајот воопшто да не биде презентиран.

CATEGORIES
TAGS
Share This