МИЦКОСКИ ВО ТИРАНА Отворена нова канцеларија на „ВМРО-ДПМНЕ Албанија“
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Мицкоски во Тирана присуствуваше на отворањето на новата канцеларија на здружението, истакнувајќи ја важноста од зачувување на македонскиот идентитет во Албанија.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер на државата, Христијан Мицкоски, денеска престојуваше во Тирана на покана на Здружението „ВМРО-ДПМНЕ Албанија“, каде присуствуваше на отворањето на новата канцеларија на здружението, соопштија од партијата.
На настанот присуствуваа и генералниот секретар Ѓорѓија Сајкоски и претседателката на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ, Жаклина Пешевска.
Во своето обраќање, Мицкоски ја истакна важноста Македонците во Албанија да имаат свој клуб каде слободно ќе ја негуваат културата, јазикот, идентитетот и традицијата. При тоа посочи дека ваква можност, како што рече, немаат Македонците во пиринскиот дел на Бугарија.
„Македонците во пиринскиот дел се спречени да регистрираат невладино здружение и да зборуваат слободно за својот македонски идентитет. Но, ние сме вредни, трпеливи и умни, и верувам дека ќе дојдеме до таа цел“, изјави премиерот.
Мицкоски додаде дека му е драго што присутните имаат јасна свест за „вековниот, автентичен македонски корен и идентитет“, и изрази задоволство што македонскиот јазик во Албанија активно се негува.
Тој нагласи и дека македонската држава ќе биде силен ослонец за сите Македонци ширум светот:
„Македонската држава ќе биде столб на Македонците каде и да живеат, татковина што со отворени раце ги чека да се вратат дома“, порача Мицкоски.
Од Владата информираа и дека премиерот утре ќе учествува на лидерскиот самит „Нашиот план до ЕУ“ во Тирана, каде ќе има обраќање на панел-дискусијата „Исполнување на заеднички обврски, резултати и забрзување“.

