МИЦКОСКИ ВО ОДБРАНА НА ЛИНЕАРНОТО ЗГОЛЕМУВАЊЕ – Што ќе одлучи Уставниот суд
Мицкоски предупредува ако се укине линеарното зголемување тоа може да значи пониски пензии за 75% од пензионерите од 1 јануари.

Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека Уставниот суд има три можни пристапи при одлучувањето за уставноста на линеарното зголемување на пензиите.
Одговарајќи на новинарски прашања по поставувањето камен-темелник за нова детска градинка во населба Дексион, Општина Ѓорче Петров, Мицкоски посочи дека: првата опција е судот да ги прогласи мерките за неуставни, што би значело дека 75 отсто од пензионерите ќе добијат пониски пензии; втората е укинување на мерката на владата, што тој го оцени како „неправно и смешно“; а третата е да потврдат дека мерката е уставна.
Мицкоски повторно ги обвини „инсталациите на СДСМ“ во судството и обвинителството за преиспитувањето на владината мерка. Тој се осврна и на своето претходно излагање од собраниската говорница, каде предупредил дека пензионерите можат да останат со помали примања.
„Овојпат удрија на пензионерите, а сега се обидуваат да се оправдаат. Она што пензионерите веќе го добиле нема да го вратат, но ќе видиме како ќе продолжи. Кога го соопштив тоа на пратенички прашања, тие рекоа дека нема такво нешто, а потоа се преориентираа и почнаа да зборуваат дека ќе го разгледуваат од 1 јануари“, рече Мицкоски.
Тој истакна дека последното линеарно зголемување е предвидено за мартовската пензија идната година и го праша Уставниот суд како тоа зголемување може да биде неуставно, а претходните 6.000 денари да бидат уставни.
Мицкоски повтори дека судиите имаат три опции: прогласување на линеарните зголемувања за неуставни, што би значело пониски пензии за 75 отсто од пензионерите; пронаоѓање „бледа и неправна логика“ да го прогласат следното зголемување за неуставно, а претходното да остане уставно; или пак, потврдување на уставноста на мерката.
Тој додаде дека нема да коментира понатаму за да не се сфати како притисок врз судиите и обвинителите.


