МИЦКОСКИ СО ВЛАДИНА ДЕЛЕГАЦИЈА ВО МИНХЕН – 62-та безбедносна конференција
Средби со европски лидери и високи претставници на меѓународни безбедносни организации.

Од денеска, 13.02.2026 година (петок), претседателот на Владата на Македонија, Христијан Мицкоски, заедно со министерот за одбрана Владо Мисајловски, министерот за надворешна политика и надворешна трговија Тимчо Муцунски и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, ќе престојуваат во неколкудневна посета на Сојузна Република Германија. Главна цел на посетата е учество на 62-та Минхенска безбедносна конференција.
За време на конференцијата, премиерот Мицкоски ќе оствари серија билатерални средби со европски лидери, високи претставници и челни лица на меѓународни безбедносни организации. Во фокусот на разговорите ќе биде геополитичката стабилност на регионот, со посебен акцент на улогата на Македонија како столб на стабилноста во Западен Балкан и како активен член на НАТО.
Премиерот Мицкоски исто така ќе ја реафирмира позицијата на државата за неопходноста од предвидлив и фер процес кон полноправно членство во ЕУ, без наметнати билатерални пречки.
На маргините на конференцијата се планирани средби и со високи претставници на Европската Унија, како и со шефови на влади и држави.


