МИЦКОСКИ СО ТВРДА ПОРАКА ДО СОФИЈА И БРИСЕЛ – Капитулации нема додека сум премиер
Премиерот бара конкретни обврски од Софија и цврсти гаранции од ЕУ пред да отвори разговор за уставни измени.

Премиерот Христијан Мицкоски денеска, одговарајќи на новинарски прашања околу чекорите за надминување на спорот со Бугарија, изјави дека е подготвен да седне на разговори, но дека ставот на Владата и „црвените линии“ остануваат непроменети.
„Нашиот став е многу јасен, црвените линии се одамна познати и повеќепати јавно објаснети. Подготвени сме за дијалог, но не е коректно да се очекува дека оваа Влада, додека јас сум премиер, одеднаш ќе каже дека досегашните позиции не важат и дека ќе пристапиме кон уставни измени. Тоа нема да се случи барем додека сум јас на оваа функција. Ако дојде друга влада, нека води друга политика,“ рече Мицкоски по поставувањето камен-темелник за новата спортска сала во ООУ „Блаже Конески“ во Општина Аеродром.
Тој додаде дека „предавства и капитулации“ нема да се случуваат додека ја води извршната власт.
Мицкоски повеќепати повтори дека Владата нема да прифати уставни измени без конкретни обврски од Бугарија и јасни гаранции од Европската Унија. Притоа, нагласи дека очекува доследно почитување на меѓународното право како предуслов за напредок во процесот.


