МИЦКОСКИ СО ЕНЕРГЕТСКИ ПОРАКИ ОД ДАВОС – Македонија мора да биде активен чинител во енергетиката

Инвестиции, електрична енергија и дата-центри - пораките на премиерот Мицкоски од Давос

МИЦКОСКИ СО ЕНЕРГЕТСКИ ПОРАКИ ОД ДАВОС – Македонија мора да биде активен чинител во енергетиката
Фото: Принтскрин

Премиерот Христијан Мицкоски денеска од Давос, каде што учествува на Светскиот економски форум, преку видео-порака ја информираше македонската јавност дека имал успешен ден исполнет со средби со претставници на мултинационални компании.

Како што соопшти, разговорите биле фокусирани на енергетиката, здравството и високата технологија, при што тој ги презентирал можностите за инвестирање во Македонија и во македонската економија, со цел создавање додадена вредност за граѓаните.

Посебен акцент Мицкоски стави на вториот дел од денот, односно на панел-дискусијата за енергетика, на која учествувал како говорник заедно со американскиот секретар за енергетика, г. Рајт.

„Станува збор за панел на кој учествуваше практично целото светско раководство во енергетскиот бизнис – компании од сите континенти, со обрти од илјадници милијарди. Разговаравме за очекувањата и плановите за развој на енергетиката во наредните години, пред сè во делот на производството на електрична енергија“, истакна Мицкоски.

Според него, од панелот произлегле три клучни заклучоци. Првиот е дека во наредните години глобалната побарувачка за енергија ќе расте, при што потребата од електрична енергија ќе расте два и пол пати побрзо.

„Македонија не смее да биде нем набљудувач, туку активен чинител. Треба да ги рестартираме заборавените енергетски проекти од минатото, како Чебрен и Галиште, Бошков Мост и други, и да го понудиме нашиот потенцијал за инвестиции во обновливи извори на енергија. Голем број инвеститори веќе покажаа сериозен интерес по завршувањето на панелот“, рече Мицкоски.

Вториот значаен факт, како што посочи, е дека во следните десет години во светот ќе треба да се изградат производни капацитети кои ќе произведуваат вкупно 40.000 терават-часови електрична енергија.

„Тоа е количина која е околу 5.500 пати поголема од денешната потрошувачка на електрична енергија во Македонија и приближно еднаква на потрошувачката на САД, Канада, Европската Унија и Јапонија заедно. Причината за ова е забрзаниот развој на вештачката интелигенција и дата-центрите, кои функционираат исклучиво на електрична енергија“, нагласи премиерот.

Тој оцени дека овие факти се од клучно значење и дека државата мора да ги следи овие трендови и соодветно да ја насочи економската политика.

CATEGORIES
TAGS
Share This