МИЦКОСКИ ПРЕДУПРЕДУВА – Протестот не беше само за јазикот, има опасна политичка позадина

Премиерот тврди дека протестот има политички мотиви и ги предупредува НАТО и ЕУ за обиди за нарушување на стабилноста.

МИЦКОСКИ ПРЕДУПРЕДУВА – Протестот не беше само за јазикот, има опасна политичка позадина
Фото: Национал

Премиерот Христијан Мицкоски по вчерашниот протест на граѓани кои бараа полагање на правосудниот испит на мајчин јазик истакна дека решението за употребата на албанскиот јазик во судството мора да се најде исклучиво во согласност со Уставот и меѓународните стандарди.

Тој информираше дека веќе е формирана специјална комисија составена од уставни експерти, чија задача е да изготви правно издржано решение за овој чувствителен прашање. Мицкоски потсети дека актуелниот Закон за употреба на јазиците е оспорен пред Уставниот суд, а Венецијанската комисија дала негативно мислење за воведувањето на двојазичност во судството.

„Ако сакаме навистина европски да се однесуваме, мораме да го почитуваме Уставот и меѓународните стандарди. Имаме негативно мислење од Венецијанската комисија. Прво, немаме доволно ресурси за целосна имплементација, а второ, не се гарантира владеењето на правото, што создава нееднаквост. Затоа, тие препорачуваат да се врати законот за јазици од 2008-2009 година“, појасни премиерот.

И покрај овие правни ограничувања, Мицкоски нагласи дека Владата ги почитува правата на студентите кои студираат право на албански јазик како дел од образовниот систем.

Во однос на вчерашниот протест, премиерот изрази остри критики кон политичките противници, истакнувајќи дека присуството на бројни опозициски активисти и функционери на демонстрациите ја дало јасната политичка конотација на настанот.

„За ова ги информиравме нашите сојузници во НАТО и во рамките на ЕУ, со цел да укажеме на обидот на опозицијата за дестабилизација. Мислам дека тоа не наиде на одобрување од страна на високи претставници на меѓународната заедница“, заклучи Мицкоски.

CATEGORIES
TAGS
Share This