МИЦКОСКИ ОТКРИВА – Ова е типот на обвинител што ни треба
Мицкоски очекува новиот јавен обвинител да застане на страната на правдата и да гони без компромис.

Премиерот Христијан Мицкоски очекува новиот јавен обвинител да ја стави правдата на прво место и да се справува без компромис со сите кои постапувале спротивно на законот.
„Важно е што ние не сакаме да постапуваме како претходните влади – да менуваме обвинители насилно. Наместо тоа, сакаме да му дадеме шанса на државниот јавен обвинител да покаже што може. По повеќе од година и половина, конечно започнува процес во кој стариот јавен обвинител, назначен од мнозинството на СДС и ДУИ, заминува, а е распишан конкурс за избор на нов. Ги охрабрувам сите кои ги исполнуваат законските услови да се пријават и очекувам да биде избран најдоброто решение, кое ќе биде дел од тростепениот систем за гонење на криминалот и корупцијата“, изјави Мицкоски.
Тој посочи дека во минатото граѓаните биле сведоци на полициски акции, проследени со медиумски спектакли, упади во домови и трговски објекти.
„Во минатото се случуваа голем број полициски акции со многу естрада, галама и спектакуларни упади, но ние сакаме да бидеме спротивни на таквиот начин на дејствување“, рече Мицкоски.
На крајот, тој нагласи дека од новиот државен јавен обвинител очекува непоколеблива посветеност на правдата:
„Само така сите кои постапувале спротивно на законот ќе бидат санкционирани. Борбата против криминалот и корупцијата е тростепен процес – истрага, обвинителен акт и судска постапка. Обвинителот е врската помеѓу истрагата и судскиот процес и треба да го усоврши својот дел, за да се оцени од судиите и да започне судската постапка“, истакна Мицкоски.


