МИЦКОСКИ ОД ЖЕЛИНО Нема да има бегалски кампови во Македонија

Премиерот Христијан Мицкоски денеска од Желино категорично изјави дека во Македонија нема да се градат бегалски кампови, отфрлајќи ги сите шпекулации поврзани со стратешкиот договор со Велика Британија.
„Апсолутно нема таква работа, и тоа јасно го кажа и британскиот амбасадор. Таа тема е затворена“, истакна Мицкоски, нагласувајќи дека договорот кој денеска се потпишува во Лондон не предвидува ниту една мерка поврзана со прифаќање на мигранти или отворање на кампови за бегалци.
Тој објасни дека шпекулациите започнале поради договорот меѓу Албанија и една земја членка на Европската Унија, со кој се предвидува изградба на бегалски кампови на албанска територија за прифаќање на десетици илјади мигранти. Но, како што додаде, таа тема нема никаква врска со Македонија.
„Таа тема нема да се пренесе тука. Така што граѓаните може да бидат спокојни“, порача премиерот, додавајќи дека Владата останува фокусирана на економски развој и стратешки партнерства кои носат директна корист за граѓаните.
Изјавата доаѓа во време кога вниманието на јавноста е насочено кон договорот за стратешко партнерство меѓу Македонија и Обединетото Кралство, кој денеска се потпишува во Лондон и кој, според надлежните, ќе донесе значителна поддршка за проекти од национален интерес.


