МИЦКОСКИ ОД ТИРАНА Македонија ќе биде прва што ќе ја достигне целта ако критериумот е реформа
Премиерот порача дека членството мора да зависи од реформите, а не од билатерални блокади.

Премиерот Христијан Мицкоски денеска од Тирана порача дека процесот на проширување на Европската Унија ја губи суштината доколку билатералните спорови станат пресудни за членството на земјите-кандидати. Тој истакна дека единствен критериум треба да биде исполнувањето на реформите и реалната испорака.
„Повеќе од 25 години сме во овој процес, 20 години сме земја-кандидат. Она што го доживеавме попатно не би сакал никој друг да го доживее. Кога еднаш ќе воведете исклучок како правило, тоа станува правило и за останатите“, изјави Мицкоски.
Според него, државите треба да се оценуваат според реформскиот напредок, а не според билатерални блокади.
„Сè додека мерката е испораката, ние ќе бидеме компетитивни и убеден сум дека ќе стигнеме први до конечната цел“, додаде премиерот, кој учествува на Самитот за планот за раст на Западен Балкан во Тирана.
Запрашан за евентуално омекнување на ставовите во ЕУ, Мицкоски рече дека тоа варира по области, но дека тој се фокусира на обврските од развојниот план. Потсети дека дел од чекорите не биле испорачани поради паузата за локалните избори, но дека Владата по изборите започнала „жестока испорака“.
До крајот на годината, според него, ќе бидат реализирани најмалку осум, а можеби и десет од вкупно 12 заостанати чекори. Проблематични остануваат два: укинувањето на субвенцијата за електрична енергија и измените на Изборниот законик.
Премиерот објасни дека Владата нема намера да ја укине субвенцијата, бидејќи сметките за струја би пораснале за 35 до 40 проценти. Вториот предизвик е Изборниот законик, каде што, како што рече, во Парламентот се прават „политички гимнастики“ и филибастеринг.
„Сè останато е реално и верувам дека до крајот на годинава, или во првите две недели од следната, ќе го испорачаме“, порача Мицкоски.

