МИЦКОСКИ ОБВИНУВА ЗА МАФИЈАШКИ ПРИТИСОЦИ ВО ВРЕМЕ НА ПАНДЕМИЈАТА – Пендаровски враќа дека сè било уставно и законски

Премиерот очекува Обвинителството да отвори постапка

МИЦКОСКИ ОБВИНУВА ЗА МАФИЈАШКИ ПРИТИСОЦИ ВО ВРЕМЕ НА ПАНДЕМИЈАТА – Пендаровски враќа дека сè било уставно и законски
Фото: Принтскрин

Премиерот Христијан Мицкоски денеска, одговарајќи на новинарски прашања на отворањето на проширениот дел од ООУ „Блаже Конески“ во општина Аеродром, изјави дека не е изненаден од тврдењата на хирургот Жан Митрев дека поранешниот премиер Зоран Заев и екс-министерот за здравство Венко Филипче наводно барале начин да дојдат до сопствеништво во неговата приватна болница.

„Немам што да коментирам. Претпоставувам Обвинителството треба да се произнесе по допрен глас. Мене ова воопшто не ме изненадува. Уште тогаш беше јасно дека се случуваат мафијашки притисоци, особено во периодот на вонредната состојба, кога со уредби се надминуваа законите и Уставот“, рече Мицкоски.

Тој додаде дека има бројни сведочења за однесувањето на тогашната влада, а дека и денес постојат уредби и одлуки на поранешниот претседател Стево Пендаровски кои не се ставени на разгледување во Собранието.

„Потребно е да утврдиме дали има одговорност и од страна на тогашниот претседател, бидејќи постојат сомнежи дека дел од тие одлуки се спротивни на законските и уставните одредби. Ќе почекам да видам дали Обвинителството ќе отвори постапка, како што очекуваат сите граѓани“, додаде премиерот.

На тоа реагираше Стево Пендаровски, потсетувајќи дека прогласувањето на вонредната состојба било во целосна согласност со законските процедури и Уставот, што Уставниот суд го потврдил пред повеќе од пет години.

„Уредбите со законска сила ги носеше и спроведуваше Владата. Ако имало злоупотреби, институциите можат да го истражат тоа во секој момент. Сите одлуки веднаш по завршувањето на состојбата беа доставени до Собранието. Свесен сум дека ни ова нема да го спречи Мицкоски да продолжи со неосновани обвинувања и клевети – тоа е начинот на кој владее“, стои во реакцијата на Пендаровски.

Воедно, претседателот на СДСМ, Венко Филипче, најави тужба за клевета и го повика Жан Митрев формално да поднесе кривична пријава до надлежните институции.

CATEGORIES
Share This