МИЦКОСКИ НАЈАВУВА – Следната недела нови министри и владини повереници во четири општини

Премиерот повикува на единство за европските и реформските закони.

МИЦКОСКИ НАЈАВУВА – Следната недела нови министри и владини повереници во четири општини
Фото: Национал

Премиерот Христијан Мицкоски денеска истакна дека Владата не размислува за нов коалициски партнер и очекува поддршка од сите пратеници во Парламентот за реформските закони. Изјавата ја даде по посетата на Универзитетската клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ во Скопје.

Тој нагласи дека нема причина пратениците да не ги поддржат реформските закони и дека во процесот не треба да има уценување или политиканство.

„Навистина не гледам причина зошто пратениците да не поддржат нешто што е реформско и добро. Ако сите се за Европа, тогаш сите треба да поддржиме закон којшто го поддржала Европската комисија. Доколку се носат антиевропски, антиреформски или етноцентрични закони, тоа е сосема друга приказна. Но, оваа Влада се однесува космополитски и се труди да биде Влада за сите граѓани. Ако пред пратениците се најде реформски закон поддржан од Венецијанската и Европската комисија, не гледам причина зошто пратениците кои постојано зборуваат за Европа да не го поддржат“, рече Мицкоски.

Во врска со можноста за влез на Алијанса на Албанците во Владата, премиерот истакна дека нема такви размислувања, со оглед на тоа што актуелната Влада ужива историски високо двотретинско мнозинство во парламентот.

Мицкоски најави дека имињата на новите министри од партијата „Вреди“ ќе бидат познати на почетокот од следната недела.

Исто така, за изборот на повереници во општините каде не беше постигнат консензус за градоначалник, тој посочи дека одлуките ќе бидат објавени на владина седница во вторник.

CATEGORIES
TAGS
Share This