МИЦКОСКИ НАЈАВУВА ЦЕЛОСНО ОБНОВУВАЊЕ НА САЛАТА РАБОТНИЧКИ – Инвестиција од 120 милиони денари
Енергетски ефикасни системи и современо спортско осветлување

Реконструкцијата на спортската сала „Работнички“ е во тек и објектот добива целосно нов лик и функционалност според современите спортски и технички стандарди, соопшти премиерот Христијан Мицкоски на Фејсбук.
„Проектот има за цел да создаде модерен спортски центар кој ќе ги задоволи потребите и на професионалниот и на рекреативниот спорт“, напиша Мицкоски.
Салата ќе има вкупна површина од околу 2.000 м², од кои 1.400 м² ќе бидат наменети за спортски терен, а 600 м² за пропратни простории, административни содржини и сервиси. Проектираниот капацитет е приближно 1.000 гледачи.
Проектот предвидува изградба и опремување на спортски објект со ФИБА LEVEL 1 стандард, со вградување на енергетски ефикасни системи за греење, ладење и вентилација, подно греење поврзано на градската топловодна мрежа, како и современо спортско осветлување со професионална фотометрија. Дополнително, ќе се постави квалитетен масивен спортски под, нова спортска опрема и целосно ќе се обноват административните и придружните простории.
Вредноста на инвестицијата изнесува 120.000.000 денари и е обезбедена од Владата преку Министерството за спорт.
„Проекти за трајна промена – темели за сигурна иднина“, истакна Мицкоски.


