МИЦКОСКИ: МАКЕДОНИЈА ОСТАНУВА ПОСВЕТЕНА НА ЕВРОПСКИОТ ПАТ, Но без двојни стандарди и политички притисоци
Меѓу главните предизвици се владеењето на правото, независноста на судството, борбата против корупцијата и политичката поларизација.

Европската комисија го објави Годишниот извештај за напредокот на земјата во процесот на пристапување во ЕУ. Извештајот ја оценува континуираноста на реформите, институционалната зрелост и посветеноста кон европските вредности.
Владата останува целосно усогласена со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, што е важен сигнал за нашата посветеност. Во извештајот нема области со назадување, а во четири поглавја е забележан добар напредок, особено во „Слободно движење на капитал“ благодарение на приклучувањето кон SEPA и борбата против перење пари.
Позитивно се оценуваат стабилноста на економијата, фискалната дисциплина, дигитализацијата, јавната администрација, е-набавките, сајбер-безбедноста и учеството во европските програми за наука и млади. Напредок има и во инфраструктурата, особено околу Коридорот VIII и енергетската транзиција.
Комисијата нотира подобрувања во медиумската слобода и независноста на АВМУ, што е значаен чекор кон транспарентност и демократски процес.
Меѓу главните предизвици се владеењето на правото, независноста на судството, борбата против корупцијата и политичката поларизација. Владата веќе спроведува реформи за зголемена одговорност, дигитализација на јавните набавки и департизација на администрацијата.
Остануваме целосно посветени на европскиот пат, со конкретни мерки, јасни рокови и отчетност – со цел полноправно членство во Европската Унија.
Истакна премиерот Мицкоски по средбата со ЕУ амбасадорот Рокас.

