МИЦКОСКИ ДО КОШТА – Македонија останува на достоинствени позиции

Премиерот Мицкоски на средбата со Антонио Кошта ги потврдил позициите за почеток на преговорите и уставните измени.

МИЦКОСКИ ДО КОШТА – Македонија останува на достоинствени позиции
Фото: Принтскрин

Во моментот кога еврокомесарката за проширување Марта Кос ја вброи Македонија меѓу земјите кои стагнираат на патот кон Европската Унија заедно со Босна и Херцеговина и Србија, премиерот Христијан Мицкоски во Брисел оствари средба со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта. На неа, како што изјави, ги повторил единствените и непроменети позиции на Владата во однос на формалното отворање на преговорите и уставните измени.

„На состанокот апсолутно ги повторивме нашите достоинствени позиции, особено по сите понижувања што ни се случија во изминатите 25 години, откако го започнавме патот кон Европската Унија,“ рече Мицкоски.

Тој додаде дека средбата била „пријателска и продуктивна“ и дека повеќе теми биле ставени во фокусот на разговорот.

„Покрај приближувањето кон ЕУ и започнувањето на преговорите, разговаравме и за неколку стратешки проекти: гасниот интерконектор со Србија, кракот на гасоводот кон Косово, тарифите за извоз на челик и челични производи од македонските производители, како и за заедничкиот проект со Европската комисија што ќе се реализира во Кочани и кочанскиот регион,“ нагласи премиерот.

Мицкоски заврши со порака на оптимизам:

„Се надевам и сигурен сум дека ќе има позитивни вести“.

CATEGORIES
TAGS
Share This