МИЦКОСКИ ЈА ПОВИКА УПОЗ – Плати зголемени за 40% во две години

Премиерот најави дека 7.700 административци ќе добијат постепено зголемување на платите до 2028 година.

МИЦКОСКИ ЈА ПОВИКА УПОЗ – Плати зголемени за 40% во две години
Фото: Принтскрин

Премиерот Мицкоски ја покани УПОЗ да потпише колективен договор според кој платите на 7.700 вработени во државната администрација ќе се зголемат за 40 проценти во период од две години и два месеца.

Лидерот на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов, го повика премиерот во седиштето на синдикатот во понеделник во 9 часот за заедничко потпишување на договорот. Според него, зголемувањето од 40% треба да важи веднаш, додека Владата предлага постепено зголемување до 2028 година.

Мицкоски изјави дека нема проблем да отиде во ССМ и дека „понудата е на маса“. Тој повика УПОЗ да се одважи и да го потпише договорот, по што сите административци ќе добијат зголемување.

Премиерот додаде дека не го видел предложениот закон на СДСМ за зголемување на минималната плата и го повтори ставот на Владата: работниците и работодавачите сами да се договорат за минималната плата.

„Останува уште еден мал дел од 7.700 административци да се согласи. Понудата е на маса, доколку синдикатите се сложат, ние сме подготвени тоа да го прифатиме веднаш. За две години и два месеца, овие вработени ќе имаат минимум 40% повисоки примања. Владата во трипартитниот дијалог е само олеснувач, а СДСМ е политичка партија“, рече Мицкоски.

CATEGORIES
Share This