МИЦКОСКИ ЈА ПОТВРДИ ЛИДЕРСКАТА СРЕДБА НА 14 ЈАНУАРИ – СДСМ бојкотира

Лидерската средба ќе се одржи според планот и формалните покани ќе бидат испратени денеска или утре

МИЦКОСКИ ЈА ПОТВРДИ ЛИДЕРСКАТА СРЕДБА НА 14 ЈАНУАРИ – СДСМ бојкотира
Фото: Архива

Премиерот Христијан Мицкоски најави дека планираната лидерска средба на 14 јануари во 12:00 часот во Клубот на пратеници ќе се одржи според планот, и покрај експресниот бојкот најавен од СДСМ. Од Гевгелија, каде присуствуваше на отворање на нова градинка, тој рече дека формалните покани до партиите ќе бидат испратени денеска или утре.

Мицкоски упати јасна порака:

„Владата има капацитет и мнозинство да ги донесе реформите сама, но подава рака за политички консензус заради државните интереси.“

Коментар за обвинувањата од Венко Филипче дека ВМРО-ДПМНЕ е „криминална власт“, Мицкоски рече дека таквиот речник е резултат на внатрешни партиски обврски, а не на реалната политичка состојба.

„Веројатно дел од неговиот ‘менаџерски договор’ како претседател на СДСМ вклучува и вакви навреди кон Владата“, појасни тој.

Премиерот го оцени однесувањето на СДСМ како „збунувачко“, потсетувајќи дека до неодамна токму тие бараа лидерска средба, а сега ја одбиваат.

Тој истакна дека средбата не е вовед во предвремени избори, туку дека фокусот е на реформите и економскиот напредок, особено за евроинтеграциите. Главните теми се:

-Избор на Народен правобранител – тема која произлегува од извештаите на Европската комисија.

-Реформски закони – вклучувајќи го Законот за Јавно обвинителство, Законот за Судски совет и Законот за јавна обвинителска и судска служба.

-Изборен законик – дискусија за препораките на ОБСЕ/ОДИХР и статусот на техничката влада.

Мицкоски нагласи дека владејачката коалиција има убедливо мнозинство во Парламентот, речиси двотретинско, што ѝ овозможува да ги носи законите и без опозицијата. Сепак, тој инсистира на инклузивен пристап:

„Нас апсолутното мнозинство ни овозможува да донесеме закони и без консултации со опозицијата, но сакаме да покажеме зрелост и широчина.“

Во однос на техничката (Пржинска) влада, Мицкоски повтори дека таа е штетна за системот, но нема намера да ја укинува еднострано.

„Со 61 глас можеме да го смениме Законот за влада и да ја избришеме техничката влада, но сакаме процесот да биде инклузивен“, рече тој.

На крај, Мицкоски заклучи дека доколку СДСМ одлучи да не учествува, Владата ќе продолжи со својата агенда, оставајќи ја опозицијата „да тоне во своето политичко мочуриште“.

CATEGORIES
TAGS
Share This