МЕЏИТИ ПО ПОВОД РАМКОВНИОТ ДОГОВОР – Нема демократија без доверба и еднаквост

Меџити најави и нов Закон за правична застапеност, кој, како што рече, многу скоро ќе биде усвоен во Собранието, со цел државната служба да биде вистински мултиетничка, каде застапеноста е додадена вредност за ефикасност и кредибилитет на институциите.

МЕЏИТИ ПО ПОВОД РАМКОВНИОТ ДОГОВОР – Нема демократија без доверба и еднаквост
Фото: Влада

„Нема вистинска демократија без доверба и нема функционална држава без еднаквост. Ова е филозофијата што ја води Владата – да изградиме општество кое во разновидноста гледа богатство, а не пречка; можност, а не поделба,“ порача вицепремиерот и министер за животна средина Изет Меџити на свечената седница по повод 24 години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор.

Тој истакна дека секоја политичка одлука и реформа мора да бидат во согласност со духот и принципите на овој договор.

Духот што сакаме да го инсталираме е духот на соживот, почит и заедничка надеж за иднината,“ додаде Меџити.

Според него, Охридскиот рамковен договор не е само историско сеќавање, туку жив процес кој треба да се преточува во правични закони, инклузивни политики и чесни институции.

„Да го чуваме како политички и морален бисер и да продолжиме да го спроведуваме со визија, за Северна Македонија да биде правична, еднаква и просперитетна држава за сите,“ нагласи тој.

Меџити потсети дека договорот е темел на модерната држава – држава на сите и за сите. Тој воспоставил нов пристап во градењето на институциите – од затворени кон отворени, достапни и репрезентативни механизми.

Вицепремиерот подвлече дека Владата е посветена на создавање систем кој гарантира реална, а не само формална еднаквост. Како пример за проблемите на формалната еднаквост ги посочи половичниот закон за употреба на јазиците и укинувањето на балансерот од страна на Уставниот суд.

„Употребата на албанскиот јазик во јавните институции не е укината – напротив, работиме на нејзино зајакнување, во согласност со принципите на Охридскиот договор и Уставот. Во образованието и културата спроведуваме инклузивни политики кои го одразуваат општествениот мозаик и даваат простор за зачувување и развој на идентитетот на секоја заедница,“ рече тој.

Меџити најави и нов Закон за правична застапеност, кој, како што рече, многу скоро ќе биде усвоен во Собранието, со цел државната служба да биде вистински мултиетничка, каде застапеноста е додадена вредност за ефикасност и кредибилитет на институциите.

CATEGORIES
Share This