МАТЕМАТИКА НА СИЉАНОВСКА: 80% ПРОТИВ, 70% ЗА ЕУ – Македонија во невозможна мисија
Договорите мора да се почитуваат, но не по цена на Уставот.

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова оцени дека Македонија се соочува со сериозен парадокс во процесот на евроинтеграции: околу 80% од граѓаните се против уставни измени, додека речиси 70% го поддржуваат членството во Европска Унија. Ова, според неа, создава сложена задача за политичарите да ја усогласат народната волја со меѓународните обврски.
Говорејќи на Правниот факултет во Загреб на тема за парадоксите на македонските евроинтеграции, таа потсети дека државата и во минатото носела тешки, но значајни одлуки, вклучително и промената на името и чекор што го направи единствен пример во светот.
Сиљановска-Давкова нагласи дека принципот „договорите мора да се почитуваат“ не подразбира автоматска обврска за менување на Уставот. Според неа, почитувањето на договорите треба да се одвива во духот на соработка, но без нарушување на внатрешниот правен поредок.
Таа истакна дека во Договорот за добрососедство со Бугарија од 2017 година нема одредби за уставни измени и предупреди дека вакви прашања не може да се воведуваат преку протоколи договорени меѓу министри, без парламентарна ратификација. Како што рече, недозволиво е поединечни функционери да вршат суштински измени на договорите надвор од утврдените правни процедури.
Претседателката изрази загриженост дека преку ваквите протоколи може да се отвораат нови теми кои не се дел од Копенхашки критериуми, туку навлегуваат во внатрешните работи на државата. Во тој контекст, таа посочи дека експертите, вклучително и Венецијанска комисија, препорачуваат внимателно балансирање меѓу почитувањето на домашните институции и исполнувањето на меѓународните очекувања.


