МАРТА КОС ВО СКОПЈЕ Средба со лидерите од Западен Балкан за ЕУ Планот за раст

Покрај реформите, ќе се разговара и за зајакнување на регионалната соработка во области како што се заштитата на потрошувачите, туризмот и единствениот регионален пазар, како дел од пошироката стратегија за интеграција во Единствениот пазар на ЕУ.

МАРТА КОС ВО СКОПЈЕ Средба со лидерите од Западен Балкан за ЕУ Планот за раст
Фото: Принтскрин

Еврокомесарката за проширување, Марта Кос, на 1 и 2 јули ќе престојува во Скопје, каде што ќе се сретне со лидерите на шесте земји од Западен Балкан. Средбата ќе биде фокусирана на напредокот и спроведувањето на Планот на ЕУ за раст во регионот.

Како што соопшти Европската комисија, на состанокот, покрај домаќинот – премиерот Христијан Мицкоски ќе присуствуваат и лидерите на Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Србија и Црна Гора.

Целта на самитот е да се забрза реализацијата на критичните реформи што се предуслов за искористување на финансиските средства од Планот за раст. Според Комисијата, акцентот ќе биде ставен на мерки што ќе донесат конкретни придобивки за граѓаните уште пред формалното зачленување во Европската унија.

Покрај реформите, ќе се разговара и за зајакнување на регионалната соработка во области како што се заштитата на потрошувачите, туризмот и единствениот регионален пазар, како дел од пошироката стратегија за интеграција во Единствениот пазар на ЕУ.

Во рамките на средбата, Европската комисија ќе предложи инвестициски пакет вреден 87,7 милиони евра преку Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF). Овој пакет, како што се наведува, се очекува да привлече дополнителни околу 500 милиони евра приватни инвестиции, пред сè во проекти поврзани со чиста енергија.

Планот за раст, кој беше претставен во октомври 2023 година, предвидува вкупно шест милијарди евра поддршка за земјите од Западен Балкан во форма на грантови и поволни кредити со цел забрзување на нивниот економски развој и подготвеност за членство во ЕУ. Средствата се наменети за проекти во енергетиката, транспортот и дигиталната трансформација.

CATEGORIES
Share This