МАРШ ЗА АНГЕЛИТЕ СО МОЛК И ФОТОГРАФИИ Родителите на жртвите повторно излегоа на протест
Протестот заврши мирно, со порака дека борбата за правда продолжува - сè додека институциите не одговорат со целосна и транспарентна истрага.

Со фотографии од загинатите деца и транспаренти во рацете, родителите, блиските и пријателите на жртвите од трагедијата во Кочани денеска повторно излегоа на улиците, барајќи правда преку „Марш за ангелите“. Протестот започна во 16:05 часот од градскиот парк, како симболично потсетување на доцнењето на институционалната реакција за време на несреќата.
Колоната продолжи пред полициската станица, обвинителството и судот, каде што учесниците со молк и достоинство ги изразија своите барања. Мајките и блиските на жртвите стоеја тивко со фотографии од децата, барајќи неселективна, брза и вистинска правда.
Еден од татковците на загинатите деца ги повика граѓаните да не молчат, истакнувајќи дека молчењето и трпението придонеле до трагедијата. „Не треба да се молчи. Време е да зборуваме за да се спречат идни загуби,“ рече тој пред насобраните граѓани.
Претходно, родителите на жртвите испратија писмо до јавноста во кое ја информираа одлуката да ја одбијат понудата за средба со премиерот Христијан Мицкоски во Скопје, планирана за понеделник. Според нив, соодветно и достоинствено би било средбата да се одржи во Кочани, каде што трагедијата ги остави најдлабоките траги.
Протестот заврши мирно, со порака дека борбата за правда продолжува – сè додека институциите не одговорат со целосна и транспарентна истрага.


