МАКЕДОНСКИТЕ ЗАТВОРИ КАКО СЦЕНА ОД ХОРОР ФИЛМ Пренатрупаност, влага, стари душеци, недоволно затворска полиција, мала здравствена заштита, различни цени за набавка на храна во затворите

Техничката спецификација за набавка на храна не е унифицирана поради што одделни установи имаат поразновидна храна од други установи, како и значителни разлики во цените на прехранбените артикли помеѓу установите

МАКЕДОНСКИТЕ ЗАТВОРИ КАКО СЦЕНА ОД ХОРОР ФИЛМ Пренатрупаност, влага, стари душеци, недоволно затворска полиција, мала здравствена заштита, различни цени за набавка на храна во затворите

Извештајот на Државниот завод за ревизија за состојбата во македонските затвори наликува како на сцена од некој хорор филм. Во ревизијата се нагласува катастрофалната состојба во македонските затвори.

Не се преземени доволно мерки и активности за подобрување на материјалните услови и сместувачките капацитети, а пренатрупаноста негативно се одразува врз условите за сместување, почитување на личноста и достоинството на лицата лишени од слобода, се вели во ревизорскиот извештај на Државниот завод за ревизија на затворите ширум државата.

„Пренатрупаноста, недоволната инвестиција во инфраструктурата, нецелосно воспоставен видео надзор, недостатокот на медицински персонал и несоодветната техничка опременост влијаат негативно врз обезбедувањето хумани услови за лицата лишени од слобода. Дополнително, ограничената примена на пробациски мерки и недоволната постпенална поддршка ја намалуваат ефикасноста на ресоцијализацијата, додека нерегуларниот надзор ја доведува во прашање усогласеноста со препораките за подобрување на состојбите, се главните заклучоци од  спроведената ревизија на успешност на тема „Реформа на пенитенцијарниот систем“ од страна на Државниот завод за ревизија“ (ДЗР).

Во ревизијата се нагласува дека недоволниот развој на пробацијата во правосудниот систем во насока на имплементирање на соодветни и одржливи мерки за реинтеграција на сторителите во заедницата на кои се извршуваат алтернативни мерки и недоволно изрекување на пробациски мерки од страна на надлежните органи неповолно влијае на остварување на основната цел на пробацијата и намалувањето на затворската популација.

„Во установите недостасува безбедносна опрема, ниту е воспоставен унифициран концепт за визуелно-електронско набљудување и одржување на видео надзорот, ниту имаат предвидена обврска за изготвување на проекти/планови за утврдување на сите клучни ризични точки, потребниот број и вид на камери, местото на поставување на камерите за видео надзорот, а врз основ на претходна анализа изработена од стручни лица во областа. Поради недоволен број на припадници на затворската полиција зголемени се трошоците за прекувремена работа, а тужбите од страна на затворската полиција за работа подолго од полното работно време и останати додатоци на плата придонесуваат за зголемени судски трошоци и исплати по извршни решенија“ – се вели во ревизијата.

Како што се вели во извештајот, поради недостиг на финансиски средства установите не можат да планираат активности, а планираните активности да ги реализираат и да ги подмират обврските од минати години.

„Техничката спецификација за набавка на храна не е унифицирана поради што одделни установи имаат поразновидна храна од други установи, како и значителни разлики во цените на прехранбените артикли помеѓу установите. Воспоставениот начин на третман и постпенална помош на осудените лица не обезбедува нивна ресоцијализација и социјална адаптација во општеството. Во КПУ погодности користат сите осудени лица на кои тоа им го дозволува третманската група, доколку против нив не е поведена дисциплинска постапка, без разлика какви резултати постигнуваат при работниот ангажман“ – се заклучува во ревизијата.

Според ревизијата, во периодот 2021-2024 година не е извршен редовен надзор над работењето на сите установи од страна на УИС, ниту се врши контролен надзор, што може да доведе до непостапување од страна на установите по дадените забелешки и рокови наведени во наредбата од редовниот надзор и нивно навремено отстранување.

CATEGORIES
Share This