МАКЕДОНСКИОТ ИДЕНТИТЕТ ПОВТОРНО НА УДАР Амандман од бугарски европратеник предизвикува реакции
И додека Македонија чекори по патот кон ЕУ, прашањата за идентитетот и јазикот остануваат централна точка во дијалогот со соседна Бугарија и во поширокиот европски дискурс.

Бугарски европратеник од редовите на владејачката партија ГЕРБ поднел амандман со кој се предлага македонскиот идентитет и јазик да се дефинираат како „сегашни“, спротивно на формулацијата во извештајот на европратеникот Томас Вајц, каде тие се опишани како „многувековни“. Овој потег предизвика остра реакција од македонските власти.
Премиерот Христијан Мицкоски го осуди амандманот, оценувајќи го како обид за враќање на реториката од времето на живковизмот.
„Жалам што нашиот источен сосед настапува со реторика што го враќа времето на Живков. Наместо со остра реакција, Македонија ќе одговори со воздржаност и повик за добрососедски односи, како што е практика меѓу европските држави“, изјави Мицкоски.
Тој истакна дека суштината на ваквите потези не е грижа за правата на граѓаните што се изјаснуваат како Бугари, туку стремеж за целосна асимилација.
„Повторно сме сведоци на обид за негирање на македонскиот идентитет. Тоа не се европски вредности. Апелирам до европските институции внимателно да ги следат пораките што доаѓаат од Софија и да оценат дали тие се во согласност со духот на Европа“, нагласи премиерот, потсетувајќи дека во бугарските пописи од 1956 година се евидентирани речиси 200.000 Македонци, додека само девет години подоцна, бројката драстично опаѓа на околу 9.000 лица.
Од Струмица, лидерот на СДСМ, Венко Филипче, се обрати до младите со порака за обединување околу европската иднина на државата.
„Со вашата енергија и борба ќе ја вратиме Македонија на патот кон Европа, таму каде што ѝ е местото. Влезот во ЕУ ќе биде не само економска и политичка придобивка, туку и признание за нашиот идентитет. Тоа е начин за поквалитетен живот и за конечно обединување на сите Македонци“, изјави Филипче.
И додека Македонија чекори по патот кон ЕУ, прашањата за идентитетот и јазикот остануваат централна точка во дијалогот со соседна Бугарија и во поширокиот европски дискурс.


