МАКЕДОНСКАТА ТАЕКВОНДО ФЕДЕРАЦИЈА Прогласени најдобрите во Лига-системот за 2025 година

МТФ ја продолжува мисијата: шампиони, карактери и континуитет

МАКЕДОНСКАТА ТАЕКВОНДО ФЕДЕРАЦИЈА Прогласени најдобрите во Лига-системот за 2025 година
Фото: Принтскрин

Вечерва, Македонската таеквондо федерација (МТФ) ги објави победниците за најуспешните клубови, спортисти и поединци во рамките на Лига-системот за 2025 година.

Признанија за Лига-системот 2025 добија: Прво место: Таеквондо клуб „Бутел“, второ место: Таеквондо клуб „Корио“ и трето место: Таеквондо клуб „Феникс кик“.

Беа доделени и посебни награди за спортски достигнувања: Најголем спортски успех во олимписко таеквондо 2025: Филип Блажевски, најдобар тренер во Лига-системот: Викторија Спасовска, најдобро организиран турнир: Таеквондо клуб „Корио“, најдобар судија во Лига-системот: Ирена Гроздановска а за особен придонес во Лига-системот: Андреј Василевски, Ведрана Тунеска, Христијан Симоновски, Ненад Ќелевски, Душица Бреслиева и Мартина Наумовска

Од МТФ истакнуваат:

„Со особена чест можеме да констатираме дека македонското таеквондо, покрај тоа што е еден од најуспешните спортови во државата, е и првиот индивидуален спорт кој воспоставува систем кој гарантира континуитет, развој и врвни спортски резултати. Овој систем значи силни клубови, образувани тренери, мотивирани спортисти, фер и професионални судии, како и организирани натпреварувачки структури кои создаваат шампиони.“

МТФ информира дека во тек е подготовка на документарен филм во продукција на Македонската телевизија, кој ќе ја раскаже приказната за историскиот олимписки триумф на Дејан Георгиевски и ќе биде запис за идните генерации.

„Убедени сме дека оваа манифестација ќе прерасне во силна традиција која ќе ги мотивира нашите спортисти, тренери, клубови и сите членови на таеквондо семејството. Нашата мисија продолжува да создаваме шампиони, да градиме карактери и да ја претставуваме Македонија на најдостоинствен начин.“

МТФ им честита на сите добитници и им се заблагодарува за довербата, енергијата и посветеноста која секојдневно го унапредува македонското таеквондо и ја носи Македонија на спортскиот врв.

CATEGORIES
Share This