МАКЕДОНСКАТА КУЛТУРА БЛЕСНА ВО ГЕРМАНИЈА – Коњаница и музика во фокусот

Настанот привлече голем број посетители, вклучувајќи ја македонската дијаспора и љубителите на балканската култура

МАКЕДОНСКАТА КУЛТУРА БЛЕСНА ВО ГЕРМАНИЈА – Коњаница и музика во фокусот
Фото: Принтскрин

Галоп Битолска Коњаница, заедно со Уникат Бенд, успешно ја презентираа македонската традиција, историја и музичка култура на културен настан во Нирнберг, Германија. Настанот се реализираше во рамките на меѓународна културна соработка и привлече голем број посетители, вклучувајќи ја македонската дијаспора и љубители на балканската култура.

Со своето автентично појавување, впечатливи историски костими и симболиката на коњаницата, Галоп Битолска Коњаница испрати силна порака за богатото македонско културно наследство и слободарската традиција. Настапот беше дополнет со енергичната и емотивна изведба на Уникат Бенд, кои преку македонска изворна и современа музика создадоа незаборавна атмосфера и блиска врска со публиката.

Гостувањето во Нирнберг претставува уште еден значаен чекор во мисијата на Галоп Битолска Коњаница за меѓународна промоција на Македонија, нејзината историја и културен идентитет, како и за поддршка на македонските уметници и музичари надвор од границите на државата.

Организаторите и присутните истакнаа дека ваквите настани се клучни за зачувување на националниот идентитет кај дијаспората и за зајакнување на културните врски меѓу Македонија и Германија.

Галоп Битолска Коњаница и Уникат Бенд најавуваат продолжување на ваквите културни гостувања во други европски градови, со цел македонската традиција, историја и уметност да добијат уште поголема меѓународна видливост.

На крајот, Галоп Битолска Коњаница изрази искрена благодарност до организаторите и поддржувачите на настанот: МПЦО „Св. Атанасиј“ – Нирнберг, Гоце Стојчески, Дејан Кржовски и МКСД „Вардар“ – Нирнберг, за нивната поддршка и придонес во успешната реализација на ова значајно културно гостување.

CATEGORIES
Share This