МАКЕДОНСКА ПОШТЕНСКА ИСТОРИЈА – Издадена нова поштенска марка за децата со СМА
Осмата поштенска марка продолжува осумгодишната традиција на поддршка за децата со ретки болести и ја претвора филателијата во гласник на хуманоста

Македонската поштенска историја доби уште едно значајно поглавје со издавањето на осмата поштенска марка посветена на децата со ретки болести, како дел од националната иницијатива за подигање на свеста за ретките болести.
Овојпат, марката е посветена на децата со Спинална мускулна атрофија (СМА), продолжувајќи ја традицијата на Македонски пошти да испраќаат силна порака за поддршка и солидарност со децата со ретки заболувања веќе осум години по ред.
Македонија е првата и единствена земја во светот која преку поштенски марки континуирано ја промовира борбата на децата со СМА, претворајќи ја филателијата во вистински гласник на хуманоста.
Иницијатор на проектот е Гордана Лолеска, вработена во Македонски пошти и претседател на здружението „Ретко е да си редок“ од Охрид. Таа својата професионална позиција ја искористи како платформа за општествена одговорност и поддршка на заедницата на децата со СМА.
„Секоја марка што ја издаваме е ветување дека овие деца нема да бидат заборавени. Осумте марки се нашиот заеднички глас ‘Ретко е да си редок’. Но токму во таа реткост лежи најголемата сила“, изјави Лолеска, истакнувајќи дека Македонија испраќа пример за солидарност до целиот свет.
Во изминатите години, серијата поштенски марки прерасна во мост меѓу институциите и граѓаните. Секоја пратка со овие марки станува симболичен глас за поддршка, надеж и подобра иднина за децата со СМА.
Свечената промоција на новата поштенска марка ќе се одржи в сабота, на 28 февруари, во „Куќата на ЕУ“ во Скопје, со почеток во 16:30 часот, во организација на здружението СТОП СМА Македонија. Настанот ќе биде уште една можност јавноста да ја потврди својата поддршка и солидарност со семејствата кои секојдневно ја водат оваа тивка, но храбра борба.


