МАКЕДОНИЈА ВОДЕЧКА ЗЕМЈА ВО РЕГИОНОТ – Има двоцифрен раст на инвестициите

Мицкоски задоволен од искористеноста на унгарскиот кредит за домашните компании

МАКЕДОНИЈА ВОДЕЧКА ЗЕМЈА ВО РЕГИОНОТ – Има двоцифрен раст на инвестициите
Фото: Национал

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, изрази задоволство од искористеноста на средствата од унгарскиот кредит, наменети за поддршка на домашните компании, како и од постигнатиот раст во инвестициските активности кај домашните капацитети.

Во изјава за медиумите во Кратово, тој истакна дека од предвидените 250 милиони евра, преку развојната банка на компаниите досега им се префрлени околу 225 милиони евра.

„Овој кредит, кој условно може да се нарече субвенциониран од Владата, има каматна стапка од 1,95 проценти, тригодишен грејс-период и рок на отплата до 15 години. Очекувам веќе во првиот квартал од оваа година средствата целосно да бидат исцрпени, заедно со сопствените инвестиции на банките во развојни проекти на компаниите како поддршка на стопанството и економијата“ – рече Мицкоски.

Премиерот додаде дека Македонија е водечка во регионот по растот на инвестициите, со двоцифрена стапка на пораст.

„Ако се земе предвид дека растот во првата половина од 2025 година, па и за целата 2025 година, е двоцифрен, додека во ист период во рамките на еврозоната тој изнесува само два до два и пол проценти, навистина сум задоволен од начинот на кој овие средства се искористени – истакна Мицкоски.

Премиерот денеска престојуваше во работна посета на Кратово, каде ја посети целосно реконструираната голема спортска сала.

CATEGORIES
Share This