МАКЕДОНИЈА ВЛЕГУВА ВО ГОЛЕМАТА ЕНЕРГЕТСКА ИГРА – Што значи тоа?

Договорот со САД отвора нови можности за инвестиции и енергетска стабилност.

МАКЕДОНИЈА ВЛЕГУВА ВО ГОЛЕМАТА ЕНЕРГЕТСКА ИГРА – Што значи тоа?
Фото: Принтскрин

Во рамки на официјалната посета на висока владина делегација во САД, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска потпиша Меморандум за разбирање насочен кон унапредување на безбедноста на снабдувањето со природен гас.

Документот беше потпишан во Вашингтон како дел од Стратешкиот дијалог меѓу двете земји и платформа што ги опфаќа клучните области како енергетика, економија, безбедност и технологија, со цел продлабочување на партнерството.

Меморандумот беше потпишан со заменик-државниот секретар на САД, Кристофер Ландау, при што двете страни се согласија дека постои значителен потенцијал за интензивирање на соработката, особено преку проекти кои ќе донесат конкретни економски придобивки и ќе ја зајакнат енергетската сигурност.

Со договорот се предвидува диверзификација на изворите и рутите за снабдување со гас, зголемување на отпорноста на енергетскиот систем, како и обезбедување стабилно и достапно снабдување. Дополнително, се нагласува важноста на регионалната поврзаност и интеграцијата на пазарите.

Документот вклучува и мерки за развој на инфраструктурата и зголемување на транспарентноста на пазарот на гас, отворајќи простор за користење на јавни и приватни финансиски инструменти, како и поддршка од меѓународни финансиски институции.

Со оваа иницијатива, државата ја зацврстува својата улога во регионалните енергетски текови и го засилува поврзувањето со европските пазари, што има директно влијание врз економската стабилност и долгорочниот развој.

Во рамки на дијалогот, министерката Божиновска оствари и повеќе билатерални средби со претставници на американската администрација. Меѓу нив е и средбата во Белата куќа со Jarrod Agen, каде што беа разгледани можностите за продлабочување на соработката во енергетскиот сектор.

Божиновска ја истакна подготвеноста за реализација на конкретни иницијативи, оценувајќи дека партнерството со САД е клучен фактор за стабилен и развиен енергетски сектор.

Овој чекор претставува силна потврда за стратешкото партнерство со САД и јасен сигнал дека земјата се позиционира како активен и кредибилен учесник во регионалната енергетска архитектура.

CATEGORIES
Share This